fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Делчевското село Град од најнаселено во Пијанечкиот крај, сега најиселено

Од 1.000 жители колку што селото броело пред половина век, денес едвај има 200

Делчевското село Град, кое некогаш било едно од најнаселените во Пијанечкиот крај, денес е едно од најиселените. Од 1.000 жители колку што селото броело пред половина век, денес едвај има 200. Селото е на десетина километри од Делчево кон Пехчево на самата граница со  Бугарија, а некогаш било општина и најнаселено поради што и го добило името Град.

Иселувањето се провлекува повеќе од половина век кога во селото постојано се намалувал бројот на жителите. Во 1960-те години селото Град имало 500-600 жители. Во изминатите години, селото бележи постојан тренд на иселување, главно во странство.

Селото Град доживува неколку демографски процеси. Во минатиот век било населено претежно со муслиманско население. Но, по нивното враќање во Турција, Град почнало да се населува претежно со луѓе од Паланечкиот крај, па така селото почнало да ја менува националната структура и денес повеќе од 95 проценти населението е христијанско, пишува https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/delchevskoto-selo-grad-nekogash-najnaseleno-vo-pijanechkiot-kraj-denes-ima-edvaj-200-zhiteli/.

Од година во година, бројот на жители се намалувал и поголем процент од населението што останало да живее во селото се од постарите генерации. Во Град има малку млади луѓе кои му пркосат на новото време, а повозрасните жители со восхит се присетуваат на убавото минато, но истовремено со носталгија зборуваат за најновата судбина што ги снашла.

„Сите три деца ми се во странство. Се иселија во Италија и ќерката и синовите. Едниот син, машински инженер, немаше работа овде и мораше да бара егзистенција надвор. По него заминаа и останатите две деца. Бабичката ми почина и сега сум сам. Иако тука имам роднини и добри соселани, сепак семејната самотија ме убива“, со солзи во очите зборува 86-годишниот Александар Стоев кој кога работел во Делчево бил еден од најпознатите тишлери во регионот.

„Работилницата и сега ја имам во дворот на куќата, ама што ми треба кога јас повеќе не можам да работам, а нема кој да ме наследи. Располагам со комплет апаратура и алат, но џабе е кога се пропаѓа“, со жалење додава Стоев.

Неговиот сосед Илија Златков, кој има 66 години, како помлад врзува крај со крај, но и тој е со истата судбина оти  неговите деца заминале во странство. И двајцата велат дека порано било модерно да се напушти родното село за да се замине во некој поголем град во Македонија, во Делчево, Штип, Скопје, а сега како неопходна потреба заради егзистенција младите почнаа да одат во странство и ретко кој се вратил.

Од поранешно богато сточарско село со развиено фармерство од повеќе десетици илјади грла крупен и ситен добиток, денес Град е со незабележително сточарство. Ретко која куќа одгледува нешто, главно се насочени на живина. Без разлика на составот на населението, жителите велат дека во селото и порано и сега секогаш постоел соживот во вистинската смисла на зборот.
Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close