Струмичките градинари се жалат дека доцнат субвенциите
ВИДЕО-Првата реколта од оваа сезона веќе е завршена, а градинарите од струмичко се уште ги чекаат субвенциите за минатата година
Првата реколта од оваа сезона веќе е завршена, а градинарите од струмичко се уште ги чекаат субвенциите за минатата година. Од здружението Кукла градинар велат средствата требало да ги добијат до 20 март, но и после два месеци од овој рок на сметките немале ниту денар од државната поддршка. Тоа што го заработиле од пролетните култури сега треба да го вложат во втора реколта.
„Ни требаат субвенциите сега за да почнеме втората реколта да ја садиме. Во наводници некој ќе каже добро поминавте со зелката. Се согласувам, арно ама сепак колку е тоа добро? Од лани да покриеш некоја дупка, па каде сме да преживееш, да платиш нешто, па за себе, па нова реколта, есенска да фатиш“, вели Драги Памуков – земјоделско здружение Кукла Градинар.
Разочарани се бидејќи освен субвенциите за површина, доцнат и средствата кои беа предвидени за интервентен откуп на зелката од минатата година.
„Тие интервентни мерки требаша брзо да стасуваат до земјоделците, ама ги нема се уште. Еве , од лани од 5 ти април до 5 ти мај што беше мерката, тринаесет месеци мерката нема размислувано да се пуштата средствата. Општата мерка не е пуштена, а не интервентната, а има одделено средства владата“, вели Памуков.
Од агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството информираа дека согласно Програмата, краен рок за исплата на субвенции за основните мерки е јуни 2021 година. Барањата се обработувале, а исплатата по сите мерки се вршела откако ќе се обработат пристигнатите барања за добивање на финансиска поддршка.
„Во тек на 2020 година, на барање на фармерите и земјоделците имаше два продолжени рокови за поднесување на барањата што дополнително влијаеше врз процесот на обработка на апликациите. Затоа, ги молиме земјоделците да имаат трпение. Субвенциите ќе се исплатат во законскиот рок кој е предвиден согласно Програмата“, информираа од агенцијата.https://sitel.com.mk/strumichkite-gradinari-obvinuvaat-deka-docnat-subvenciite