fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Се бара формула за поголема конкурентност на земјоделскиот сектор

Нашето земјоделство има потреба од развој и модернизација, што подразбира промени во целата структура на земјоделскиот сектор, како во примарното производство, така и во земјоделско‐прехранбениот синџир, пазарите, општите услуги, институциите…

Недоволната искористеност на производствените капацитети и ниското ниво на продуктивност се карактеристика нa македонското земјоделство, што резултира со ниско ниво на снабдување на пазарот со основните животни намирници и со зголемување на нивниот увоз и, конечно, со зголемувањето на надворешнотрговскиот дефицит. Нашето земјоделство има потреба од развој и модернизација, што подразбира промени во целата структура на земјоделскиот сектор, како во примарното производство, така и во земјоделско‐прехранбениот синџир, пазарите, општите услуги, институциите… Освен тоа, за време на ковид-кризата, оваа гранка беше тешко погодена со пазарните ограничувања, недостигот од сезонски работници, ограничувањето на движењето, тешкотиите во организацијата на транспортот, логистиката…
Поради сето тоа, експертите во областа на земјоделството се согласни дека инвестирањето во земјоделството може да биде еднакво на инвестирање во заштита од идни пандемии. Тие велат дека преку модернизација, дигитализација и конкурентност на земјоделските стопанства се добива полесен проток на земјоделските производи, многу полесен извоз, но и отворање нови пазари, а со самото тоа и зголемување на откупната цена на производите.

Доминираат мали производители

Од Националната федерација на фармери истакнуваат дека структурата на земјоделскиот сектор на страната на понудата се карактеризира со постоење на голем број субјекти со мали производствени можности што поединечно продуцираат ограничени количества со неусогласен квалитет на производите.

– Од друга страна, побарувачката на производите, особено во секторот на маркетинг со земјоделски производи, се одликува со недоволна конкуренција. Малите производствени капацитети по земјоделско стопанство ја ограничуваат примената на современата технологија, а постојаната техничка опременост е недоволна и застарена. Поради ова земјоделските стопанства се ретко специјализирани. Промената на оваа состојба претставува комплициран и долготраен процес, за чие надминување или ублажување, покрај функционирањето на пазарот, соодветна улога ќе одиграат и структурните политики на државата, во насока на интензивирање и насочување на процесите – сметаат од НФФ.

Неопходна е трансформација

Оттаму велат дека за подобрување на општата конкурентност на секторот, постојната неповолна структура на земјоделските стопанства треба постепено да се трансформира во насока на специјализирани пазарно ориентирани земјоделски производители со зголемена економија на обем, кои употребуваат современа техника и технологија во производството, произведуваат производи базирани на искористување на реалните компаративни предности и се меѓусебно организирани на пазарот во насока на концентрација на производствените количества и на квалитетот на производите.
– Зголемениот капацитет на производството, модернизацијата и подобрената продуктивност на земјоделските стопанства и преработувачките капацитети ќе овозможат проширување на физичкиот обем на земјоделското производство и отворање нови работни места во руралните средини. Неопходно е инвестирање во модернизација на расположливата техничка опрема, но и воведување нови понапредни иновативни технологии во производството – потенцираат надлежните од НФФ.
Според нив, обемот и квалитетот на производството за најголем дел од стопанствата треба да започнат со промена и осовременување на постојаната сортна и расна структура.
– Очекуваните резултати од вложувањето во модернизацијата се дека променетата структура во насока на зголемено ниво на капитална интензивност, технолошко осовремување и усовршување на производствениот процес ќе ги подобри економичноста и продуктивноста на факторите на производство, што ќе овозможи поголема специјализација на примарното земјоделско производство, како и проширување на сортиментот и додадената вредност на производите на преработувачката индустрија – нагласуваат од НФФ.https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close