fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Националниот парк „Галичица“ има над две илјади дивоградби!

Национален парк е и под заштита на УНЕСКО

Во Националниот парк „Галичица” евидентирани се 2.321 објекти за кои тече постапката за легализација, изјавија за МКД.мк од Општина Охрид. Тоа е бројка која зачудува бидејќи станува збор за „Галичица”, делот кој не само што е национален парк, туку е и под заштита на УНЕСКО.

Kој и како успеал да се охрабри и да гради без дозвола таму, во таква светска природна реткост, е отворено прашање, кое се актуелизира откако беше донесен нов закон за легализација на бесправните објекти, кој не го потпиша шефот на државата, но за кој повторно се најавува дека ќе расправа парламентот. Можно ли е урбаното безаконие да го загрози статусот на „Галичица”, а воедно да се загрози и статусот на целиот Охридски регион под заштитата на УНЕСКО. Не помалку битно, во постапка се 414 објекти евидентирани во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското Езеро.

Од oпштинатa велат дека Националниот парк „Галичица” за 29 бесправно изградени објекти има поднесено пријави.

Директорот на Националниот парк Андон Бојаџи за МКД.мк вели дека од Општина Охрид до Националниот парк, од сите барања за легализација за објекти или за други видови градби во границите на Паркот, пристигнати се 480 барања за давање мислење од страна на установата со која тој раководи.

Тоа што за Бојаџи е исто така битно, покрај тоа дали станува збор за бесправни градби, е дали се работи за куќи во кои живее локално население, или за викендички. Има примери кога локалното население доизградило потрковје, гаража, настрешница, тоа не се сериозни проблеми за Галичица. Но, нагласува, најбитно е дали со дивоградбата е узурпирано и државно земјиште, за викендичка, или што е уште пострашно, за комерцијален објект, па дури има и хотели – дивоградба.

„За мене е крајно недозволиво државата некому да му одобри легализација на дивоградба, па уште изградена на државно земјиште и уште да плати за тоа ниска сума на пари како што тоа го имаше предвидено законот. Ем дивоградба, ем на државно земјиште, а да не спомнувам и дека се работи за Национален парк под заштитата на УНЕСКО. И навистина, голем е бројот на објекти каде е узурпирано земјиште во сопственост на државата”, вели Бојаџи и нагласува дека урбанизацијата е проблемот број еден за статусот на Галичица.https://www.mkd.mk/makedonija/politika/nacionalniot-park-galichica-ima-nad-dve-iljadi-divogradbi

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close