Во Македонија има над 80 регистрирани винарии. Голем дел од нив веќе работат на создавање нови вински брендови со кои ќе ги освојуваат меѓународните пазари. Договараат заеднички настапи и промоции, а очекуваат и раст на извозот.
И самите признаваат дека за нив поважни се странските од домашниот пазар кој е премногу мал и кој најмногу троши домашно, неиндустриско вино и ракија.
„Извозот е наш императив. Од година во година се зголемува бројот на земји во кои извезуваме. Квалитетот што традиционално го негуваме го обезбедивме и годинава. Тој ни е основа за прилично амбициозни планови за ширење на нашето присуство во различни земји. Прво се настапува со врвните вина, а потоа како се шири понудата, се шири и на другите слоеви на пазарот“ велат во една од поголемите винарски визби.
Европската Унија засега е главната дестинација за македонското вино. Сепак, напорите на производителите се насочени кон освојување и на брзорастечките Кина, Јапонија и Русија, но и на развиените пазари во Соединетите Држави и Канада каде потрошувачите многу поголемо внимание посветуваат на квалитетот, а не на цената.