fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Пораснав во Мариово и сега го промовирам на начин како што му доликува

Еден од луѓето кои се одлични локални промотори на регионот е Митко Крстевски.

Ако барате дестинација на Балканот каде ќе бидете тотално изолирани од сите, тогаш наш предлог е летово да појдете до Мариовскиот регион. Денес, Мариово е еден од најретко населените региони на Балканот. Мариово се наоѓа на југот од Македонија. Овде отсекогаш живееле македонци со христијанска вероисповед, а нивната традиција, носии, обичаи и културното и фолклорно наследство се далеку прочуени.  Доколку појдете денеска во Мариово и сретнете староседелец како движи по некој од руралните патишта, со сигурност ќе ви го раскаже преданието за принцезата Марија, која е позната како Мара Султанија, ќерка на христијански владетел, а која била дадена од семејството да му служи како жена на султанот.

Но поради сплет на околности таа се враќа да живее во Македонија, во регион кој денеска султанот го именува како Марина земја или „Мариово“. Вакви легенди ќе слушнете уште многу, а нив најдобро ќе ви ги раскаже локалното население кое се уште живее и придонесува за Мариово.

Еден од луѓето кои се одлични локални промотори на регионот е Митко Крстевски. Човекот кој од денеска е дел од нашата листа на локални херои кои прават мали нешта од огромно значење во развојот на туризмот. Митко е секогаш расположен за добар муабет. И покрај обврските кои ги има од припремите за новата летна сезона, тој испи со нас по едно кафе и ни раскажа до каде и во кој правец се развиваат работите во регионот. Тој е сопственик на етно ресторан и сместување во селто Зовиќ, за кое село ние велиме дека е новиот магнет за туристи. Селото Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. До селото се наоѓа познатиот Зовички мост на Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе и навлегува во прекрасната карпеста клисура која денеска му носи гости на Митко. Ние го затекнавме во неговата етно куќа и ресторан „Кај Мостот во село Зовиќ“, каде подготвуваше домашно овчо сирење. Првиот муабет преку смеа му беше дека во селото има околу 2500 овци и дека сите се подготвени да угостат многу туристи со млеко во наредните месеци.

Сирењето го подготвуваше цели четири часа, а за процедурата вели дека започнува со ставање маја, па се до четириесет дневно вриење. Митко се надева дека во престојната сезона ќе го посетат многу поголем број туристи за разлика од претходната година и дека сите ќе имаат можност да го дегустираат сирењето кое тој го подготвува. Веќе има најави од странски туристи, кои го поттикнале да ги насади бавчите со локални плодови за да може да го престави регионот како што му доликува. Според него, туристите кои започнале да го посетуваат биле главната причина да се фокусира во инвестирањето и реконструкцијата на објектот кој во минатото служел како локална продавница. Се сеќава на првиот ден кога ја отворил ресторанот, а до која имало само планински неасфалтиран пат.

Денеска, за разлика од претходно, Митко вели дека работите се променети. Странските туристи се воодушевени од организацијата, од самата клима, пријатната надморска височина, мостот кој е недалеку од етно куќата, а најмногу од храната. раната ја приготвува исклучиво на стар традиционален начин како што ја приготвувале неговите баба и дедо во минатото. Поголемиот дел од намирниците ги “набавува“ дирекно од градината во Зовиќ, а месото од локалните фармери. Според него, туристите најмногу го обожаваат вршникот, домашното кисело млеко, пешиите со сирење и лук, макалата, салатите и останато што е автентично за регионот.
Покрај гастрономските доживувања, Мариово е регион кој има безброј уникатни локации на кои се снимени голем број македонски играни филмови. Она што е од особена важност се филмовите на Милчо Мачевски кои беа прикажувани на многу светски филмски фестивали. Мариовскиот регион, како што вели Митко, преставува одличен предел за активен туризам. Преку стариот мост секоја година поминува велосипедска и планинарска пешача тура која е во рамки на Mariovo Off- Road Experience. Овие патеки се во должина од 11 километри или 3 часа одење пеш и минувајќи ги реките Градешка и Сатока. Селото Зовиќ е поврзано со селото Манастир во прилепскиот дел на Мариово, а наоколу има доста стари цркви и манастири кои датираат од средниот век.https://kajak.mk/post/406fcb5e-porasnav-vo-mariovo-i-sega-go-promoviram-na-nachin-kako-shto-mu-dolikuva?

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close