Далибор Величковски – Земјоделците не сакаат да протестираат, сакаат редовни субвенции
Далибор е кооперант на „Бучен Козјак“ и месечно предава по 7,5 тони млеко.
Земјоделците заслужуваат редовна исплата на субвенциите, ни една власт не смее да си дозволи да исплаќа субвенции под притисок од земјоделски протести и блокади на патишта, порачува Далибор Величковски, сточар од кумановското село Кучкарево, кој има фарма со крави и обработува над 35 хектари земја. Во селото порано секоја куќа чувала стока, сега останати се само двајца фармери.
Далибор е кооперант на млекарницата „Бучен Козјак“ дневно предава од 250 до 280 литри млеко. Смета дека меѓу сточарот и откупувачот мора да се гради силна врска базирана на доверба.
-Ланската година имав 29 крави, а сега 22, сите крави во мојата штала се високомлечни, од неколку сорти. Како кооперант се наметнав со квалитетно млеко и секој месец предавам до 7,5 тони млеко. Мора да си чесен како сточар за да ја добиеш довербата на откупувачот, никој не сака подметнување на вода во млекото, јас предавам чисто сирово млеко и внимавам на чистотата на фармата. За литар млеко добивам 20 денари, а има сточари на кои во други млекарници едвај им се плаќа по 17 денари од литар, раскажува нашиот сточар.
Сепак, Далибор смета дека трошоците на фармата се големи и парите кои сточарите ги добиваат од откупот на млекото се доволни само за да се покријат трошоците на фармата и за егзистенција на семејството, но не и за инвестиции и проширување на фармата. За тоа вели потребни се повисоки и навремено исплатени субвенции.
-Затоа велам дека парите од млекото се колку да се преживее, а субвенциите ни се потребни за да купиме некоја машина за фармата, да го обновиме тековното работење, да создадеме услови за да си ја олесниме работата. Но мора да кажам дека моменталната состојба со сточарството во државата е едноставно кажано – на бесилка. Лично јас немам земено субвенции за млекото од лани, од април месец. За кравите и за земјата немам субвенции. Ниту помош за неразвиен крај, за регистриран земјоделец, за ништо, по ниту еден основ. Некои субвенциите не ни се исплатени повеќе од 3 до 4 години, вели Далибор револтиран што администрацијата редовно зема плата секој месец додека земјоделецот сработените пари ги чека и по неколку години.
-Кога ќе се јавам во Платежната агенција да прашам до каде се со исплатата на субвенциите ќе ми кажат – корона е. Ајде да прашам јавно, во која државна институција поради пандемијата не зеле плата повеќе од еден месец? Ако е пандемија, нека е и за мене и за тебе, и за администрацијата и за земјоделецот што произведува храна, критикува сточарот Величковски.
Според него, власта не смее да си дозволи, незадоволниот земјоделец да врши притисок со протести и блокади на патиштата, па така да ги добива заслужените субвенции.
-Ќе излезат лозарите на протест, ќе им пуштат субвенции, ќе излезат тутунарите со блокади ќе им исплатат субвенции. Затоа велам, зошто да протестираме за нашите пари. Што има еден министер да шета по селата, ако редовно ги исплаќа субвенциите, ако фармерите се задоволни, смета Далибор, споредувајќи ги субвенциите кои ги добиваат фармерите во Србија и нашите во Македонија.
-Во Србија за една крава субвенцијата е 330 евра, 90 евра од овца и коза, а кај нас за крава не е ни 50 евра. И целата сума од субвенциите по грло добиток, од моите 22 крави да ја вложам, јас не можам да купам нова крава. Зашто цените на високомлечните крави се движат од 1.300 до 1.800 евра, а да не зборуваме за поскапите, пресметува сточарот.
Во Кучкарево, во последните години живеат околу четириесеттина жители, најголем дел возрасни, па Далибор ја обработува земјата на голем дел од своите соселани, дури и на оние што се одамна иселени, кои му ја оставиле земјата да ја ора за да не ја обраснат трње. Така нашиот фармер вели дека сам, со голем труд, го ора полето во Кучкарево, како и дел од атарот на соседното село Скачковце.
-Самиот произведувам храна за стоката, само така можам да продолжам со фармата. Обработувам 15 хектари детелина, остатокот 15 до 20 хектари ги садам јачмен и пченица. А добар дел од површините ги сеам со овес, вели Далибор.
Накрај Далибор порачува, државата да направи реална стратегија за помош на сточарството во државата.
-Државата има начин како да ни помогне на нас сточарите. Еве јас сакам да земам крави од увоз, нека ги намали тие 50 проценти за сточарите што треба да ги платат и тоа веднаш при увозот, а не да чекаме со месеци и години. Исто така и за субвенциите по грло добиток, сумата да се покачи, нека не е колку во Србија, но нека биде по 200 евра од крава, порачува сточарот Величковски.
Анета Блажевска