Сечењето на шумите и хидроцентралите се закана по нашата гордост – Балканскиот рис
Еко активист Ана Чоловиќ Лешоска, координаторка за политики во WWF и извршна директорка на Еко-свест.
На глобално ниво 11ти јуни се одбележува како ден за заштита на дивата мачка – рис. Кај нас го имаме таканаречениот Балкански рис и живее во шумите поточно во националниот парк Маврово и останатите подрачја прекугранично со Албанија. За неговата заштита и закана од негово истребување разговаравме директно со еко активистката Ана Чоловиќ Лешоска, координаторка за политики во WWF и извршна директорка на Еко-свест.
Фокус: Постојано се апелира дека не се води доволна грижа за дивите животни и дека има закана за нивно истребување во земјава, поточно Балканскиот рис. Што треба да се преземе за негова заштита?
Чоловиќ-Лешоска: Балканскиот рис е едно прекрасно и харизматично животно на кое сме особено горди што го имаме- затоа и сме го овековечиле на монетата од 5 денари. Тој е критично загрозен подвид на Евроазискиот вид и токму затоа ние ја сносиме одговорноста да го заштитиме, не само пред самите себе туку пред целиот свет- бидејќи тој претставува светска природна вредност.
За да го заштитиме треба под итно да го репрогласиме националниот парк Маврово за да се донесе законот и планот за управување кој ќе предвиди мерки за негова заштита. Воедно, неопходно е да се заштитат и коридорите кои се користат од страна на животното за да се избегне несакани последици (како на пример жртви на автопатиштата, криволов и сл), како и да се зајакне заштитата на шумите и да се отстрани нелегалната сеча на истите. Истовремено мора да се престане со инфраструктурни зафати во заштитените подрачја и подрачјата проценети како вредни за опстанокот на дивите видови, вклучително и изградбата на малите хидроцентрали. На тој начин ќе можеме да ги заштитиме пределите кои ги користи рисот и неговиот плен, а со тоа да овозможиме и закрепнување на неговата популација.
На државно ниво затоа е потребна стратегија за заштита на рисот, која постои но треба да се ажурира и која вклучува мерки за заштита но и низа други активности како едукација, работа со ловните друштва, воспоставување на системи за мониторинг и сл.https://fokus.mk/cholovik-leshoska-secheneto-na-shumite-i-hidrotsentralite-se-zakana-po-nashata-gordost-balkanskiot-ris/