Есенска вакцинација против беснило
Co авионско фрлање вакцинални мамки викендов Агенцијата за храна и ветеринарство почна со спроведување на годинашната есенска кампања за вакцинација на лисиците против беснило. Вакцинацијата е со техничка и финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на ИПА 2012 година.
Co цел да се прекине пренесување на вирусот на беснило од едно на друго животно и негово елиминирање од носителите, односно од таканаречените резервоари, на целата територија на Македонија ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки. Агенцијата за храна и ветеринарство, по завршување на вакцинацијата, која според планираното треба да се реализира во наредните 2 недели, ќе спроведе контрола за процена на успешноста и на оваа вакцинална кампања.
Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат и никако да не ги допираат со раце вакциналните мамки кои се со кафеава боја и личат на чоколадни коцки. Во нив е сместена пластична капсула во која се наоѓа вакцината во течна состојба. Доколку сепак се случи мамката да се допре со раце, задолжително да се побара лекарска помош велат во Агенцијата.
Оралната вакцинација на лисиците против беснило во земјава почна да се спроведува од 2011 година, со по две вакцинални кампањи, пролетна и есенска.