fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Продолжува амандманската расправа за законските измени за намалување на ДДВ-то за струјата

Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.

Комисијата за финансирање и буџет ќе ја продолжи вчера започната седница и тоа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка, во второ читање. Со измените се предлага намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 проценти.

Пратениците расправаа по првиот амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бара стапката на данокот на додадена вредност за електрична енергија од пет проценти да важи не само за домаќинствата, туку и за компаниите и за индустријата.

Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски посочи дека намалувањето на ДДВ-то се однесува на домаќинствата на регулираниот пазар и оти ваквата интервенција на Владата, која се прави за првпат, е во интерес на граѓаните.

– Одлуката за цената на струјата ја определува Регулаторната комисија за енергетика и тука Владата нема влијание, но можеме да влијаеме врз ДДВ-то и затоа имаме предлог за намалување на даночната стапка од 18 на 5 проценти со што ќе овозможиме цената на електричната енергија кај финалниот потрошувач да не се почувствува, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека од 2006 до 2017 година цената на струјата за домаќинствата била зголемена за 82 проценти и во ниту еден момент од тогашната Влада не било предложено намалување на ДДВ-то, додека од 2017 до 2020 година имало намалување на цената од 3,94 проценти.

Опозицијата има поднесено уште еден амандман со кој се предлага стапката од пет проценти да продолжи да важи и во ситуација ако цената на струјата остане иста или продолжи да расте и во иднина.

Комисијата вчера го разгледа и Предлог-законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка во второ читање. На Предлог-законот беа поднесени четири амандмани од страна на пратеникот Љупчо Балковски, но тие беа одбиени. https://nezavisen.mk/prodolzhuva-amandmanskata-rasprava-za-zakonskite-izmeni-za-namaluvanje-na-ddv-to-za-strujata/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close