Романци им ги обраа јаболката на Македонците
Ако во изминатиов период родените Македонци со бугарски пасоши за еден час работа добивале по осум евра, сега Романци, Словаци, Полјаци и Чеси ја извршуваат истата работа за пет евра
Македонци и оваа есен берат јаболка во Италија, но се жалат дека последниве две години работата им ја земаат Романци, Словаци, Чеси и Полјаци, кои ја работат истата работа за многу помалку пари. Деновиве, преку Интернет, стапивме во контакт со светиниколец, кој ни раскажа за работата таму. Рече дека токму од Свети Николе се најголемиот дел од работниците.
“Веќе дваесетина години доаѓам и работам во, можеби, најбогатиот дел на Италија, близу градовите Болзано и Мерано. Тука се Австралијци газди, кои зборуваат германски. Поседуваат хотели и плантажи со јаболкови дрвца. Добро сум платен, добивам осум евра за еден час работа, плус имам добро сместување без да плаќам за него. Дури и јадење даваа, но сега веќе намалија, сами си купуваме. Ние, Македонците, сме стандардни тука и најдокажани во работата, но доаѓаат и многу Романци, Словаци, Чеси и Полјаци, особено Романци, преку агенција, кои работат за пет евра од час”, кажа светиниколецот. Работата е сезонска, но платени им се и придонесите за осигурување. “Земаме дури и нешто како К-15 и детски додаток. Овде има самци, но и фамилијарни луѓе. Освен во овоштарници, се работи и по хотели, бидејќи тука има и скијачки центри. До вработување можеш да дојдеш само со бугарски пасош, инаку не сакаат ниту да те видат ниту, пак, да слушнат за тебе”, дециден беше тој.
Според оние што работат во Италија, грубата проценка вели дека околу 150 илјади нашинци работат во таа земја. “Ги има отсекаде. Околу Тревизо и Венеција, но има доста од Западна Македонија, а од Источна Македонија повеќе работат околу Пјаченца и Торино”, ни рече друг Македонец, кој живее и работи таму.