fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Благојчо Ѓоргиев-Сите ја јадат потта на земјоделците, а тој едвај преживува

Спасот на земјоделците е во единството, се додека се поделени по разни основи ќе им ја јадат маката, потта, а парите и сонот ќе им ги крадат, вели Ѓоргиев.

Само единството на земјоделците и слогата може да го подобри нивниот статус во општеството. Поделени и раскарани, тие се во незавидна положба од која ќарат и откупувачите и трговците, па и политичарите. Другите го собираат кајмакот на земјоделците, вели Благојчо Ѓоргиев 38 годишен жител на селото Тркање, близу Кочани, чие семејство е производител на ориз. Благојчо е од земјоделско семејство кој поради доживеана сообраќајна несреќа последните години е врзан за инвалидска количка и не може да помага во обработката на нивите со ориз.

Семејството Ѓоргиеви обработува 15 декари земја со ориз и годишно произведува над 10 тони оризова арпа. Благојчо вели дека оризопроизводителите пред триесетина години од една реколта заработувале еден куфер пари, а сега не земаат ни за да ги покријат основните трошоци. За последната реколта кочанските оризопроизводители за килограм оризова арпа добиваат по 15 денари, а некои успееја да ја продадат и за некој денар повеќе, цена која е под секое ниво и не ги покрива производствените трошоци.

-Од секогаш моето семејство егзистирало од земјоделие, производство на ориз. Како мал се сеќавам до пред да се распадне Југославија дедо ми Блаже, кога ќе го однесеше оризот на откуп, дома се враќање со еден куфер пари. Буквално. Но, откако државата ни е самостојна, како оризари имаме постојано проблеми. Како со откупот на оризот, така и со наплатата. Со кој земјоделец и да разговарате ќе ви го каже истото, вели Благојчо, според кого ваквата состојбата се должи на нерегулиран пазар и недефинирани откупни цени на кои профитираат трговците, наместо примарните производители.

Нема достапен опис

-Најголемата вина ја има државата, бидејќи која и да дојде власт ги охрабрува откупувачите, а не земјоделците. Порано земјоделците имаа поевтина нафта, имаа вода за прскање што ја плаќаа на крајот од реколтата, ама имаа и загарантиран откуп. Сега нема такви работи, сега може да дојде трговец да ти го земе оризот, па да се молиш за пари, кога ќе има милост ќе ти пушти на сметка по некој денар, ако не ќе останеш без пари. Оваа власт ни ветуваше 25 денари минимална цена за арпата, ама досега тоа не се оствари, критикува, Благојчо.

Според него, земјоделците се постојано подложни на манипулации, од сите страни, па како што вели, најлесно е да манипулирате човек кој е во мака.

-Давеник се фаќа и за сламка, па кога знаеш дека земјоделците се на раб на егзистенција лесно се манипулира со нив. Не се манипулира само со оризарите, туку и со овоштарите кои ги продаваат јаболка за 2 денари од кг, па и лозарите за 9 денари од кг го продаваат грозјето, тоа се цени недостоинствени за еден производител.

Затоа, вели нашиот соговорник, сите земјоделци се задолжени по земјоделски аптеки на бензинските пумпи, каде заради плаќањето на почек производителите плаќаат и до 30 проценти повисоки цени.

-Сите ја јадат потта на земјоделците, а државата не презема ништо, критикува Благојчо, додавајќи дека субвенциите за земјоделците мора да бидат навремено исплатени за да не живеат земјоделците на вересија. Зелената нафта треба да биде поевтина за оној што произведува храна, од оној што сака да се шета со автомобилот на нафта, вели тој.

Благојчо вели дека ретко успева просечен земјоделец со парите од една реколта да ја поднови механизација, па смета дека кај ИПАРД програмите сите земјоделци треба да имаат подеднакви шанси, а не некои земјоделци да земаат постојано од средствата за обнова на механизацијата, а други да не можат ни да допрат до овие програми.

 

Зголемена поддршката за оризопроизводителите кои немаат сертифициран семенски материјал

Цената на оризот е променлива категорија, што од година во година зависи од многу фактори согласно условите што ги диктира пазарот и е договор меѓу производителите и откупувачите, истакна од Владата во однос на барањата на производителите на ориз за фиксна откупна цена на оризот и зголемување на субвенциите.

-Тоа што е факт е дека просечната цена на пазарите на големо од реколтата 2020 изнесува 56,82 денари за килограм. Оваа цена е повисока споредена со изминатите четири години. Исто така, и цената на оризот на пазарите на мало е повисока. Во 2020 достигнува до 73,10 денари за килограм, што е раст од осум проценти споредено со 2018 и 2019 година, истакна владиниот портпарол Душко Арсовски.

Тој посочи дека на барање на оризопроизводителите, Владата дополнително донела одлука за зголемување на висината на финансиската поддршка за подмерката за ориз без сертифициран семенски материјал.

-Со направената измена се зголеми поддршката за земјоделците кои немаат сертифициран семенски материјал на 25 илјади денари за површина до пет хектари, а оние земјоделци кои имаат површини од пет до 50 хектари ќе добијат финансиска поддршка од 30 илјади денари по хектар, објасни Арсовски.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close