fbpx
Вести

Богатиот род ја намали цената на печурките

Печурките се откупуваа за 230 денари, но поради големиот род, цената падна на 130 ден за килограм. Жителите од Велешко еден месец се масовно по планините во околината, каде што собираат печурки. Дождливата есен придонесе како ретко кога да има многу богат род на печурки. Велешани собираат вргањ и јајчарка, а на берба оди и старо и младо. Одличната откупна цена во првите денови, која изнесуваше 230 денари за килограм, што одамна не се памети, е причината да се рашири гласот дека годинава има добра цена. Но, по големиот откуп, цената падна до само 100 ден за килограм.

bogatiot rod ja namali cenata na pechurkite

 

Деновиве, повторно се покачува, се откупува за 130 до 150 денари за килограм. Оваа цена е за свежа печурка, а цената на сушената е далеку повисока две илјади денари за килограм. “Две децении берам печурки и ова што го гледам сега никогаш не сум го видел. Планините се преполни со луѓе што собираат печурки. Видов и жени од по 70 години и млади од по дваесетина години.

Печурката носи пари, ја има и еве, за кратко време, имаме стотици специјалисти ‘печуркари”, вели велешанецот Димко Петров, кој со години собира печурки. Неа есенва ја има во реонот на Азот, селата Бистрица, Богомила, Ореше, Теово, Нежилово, потоа во Лисиче, Јасеново и Горно и Долно Јаболчиште. На берење заминуваат цели семејства, во различни делови на Велешко. “Богатиот род создаде тензии меѓу населението од одделни села, кои чувствуваат дека доаѓањето ‘туѓинци’, лица од други места, им задира во откупот, па има и искрења меѓу берачите, закани да не доаѓаат на нивни терен, бидејќи тие, другите, не ги пуштале нив да берат костени, боровинки”, вели Стојан Николов, собирач на печурки. И додека од терен стигнуваат вести дека масовно се бере печурката, во Шумското стопанство “Бабуна”, велешката подружница на ЈП “Македонски шуми”, годинава се издадени 60 дозволи за собирање шумски плодови и чаеви.

За неа се плаќа 400 денари, но и задолжително да се приложи договор со откупна станица каде што ќе се предаде печурката. Кај дел од собирачите, поради нивното незнаење, место да се сече, таа се корне, а се чува и се транспортира во вреќа место во кошница, со што се уништува екосистемот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close