fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Огнената стихија ги погоди атарите на над 100 македонски села, потребно е одговорно однесување на секој од нас

Од Центарот за управување со кризи како причинителите за пожари ги издвојуваат човекот, како што велат, намерно и ненамерно, фрлените стаклени работи и друг отпад во сува вегетација, како и искрите од жици на електрични далекуводи.

Атари од над сто македонски села се жртви на огнената стихија која деновиве гори шуми, плевни, животни, посеви, куќи. Не постои место чие небо не поцрни од чадот што неумоливо се возвишува над огнот, кој ја согорува земјата и сè што во моментот се наоѓа на неа.

Пожарите не стивнуваат, државата во кризна состојба, силите и ресурсите се исцрпуваат и на крајот сè се сведува на човечкиот фактор, и причината, и помошта и последицата.

Од Центарот за управување со кризи како причинителите за пожари ги издвојуваат човекот, како што велат, намерно и ненамерно, фрлените стаклени работи и друг отпад во сува вегетација, како и искрите од жици на електрични далекуводи.

– За да се направи пожар, не треба многу, треба многу мал процент од населението да не нè послуша. Односно, доволно е и еден човек во планина кој е неодговорен, да остави догорче или оган и да се распали со помош на ветрот, велат од ЦУК.

Од Бригадата за противпожарна заштита – Скопје, исто така, споделуваат дека според долгогодишната статистика која ја водат, најчестиот фактор за предизвикување пожари е невниманието, односно, човечкиот фактор. Под невнимание, како што изјавија за МИА, подразбираат и несоодветно одржување на електрична мрежа низ градовите.

– Институциите треба да се грижат за таа инфраструктура во градот и мрежата што поминува низ земјоделските земјишта и шумските површини, особено кога имаме метеоролошки услови со силен ветер, кога проводниците прават краток спој и предизвикуваат пожар, велат оттаму.

Министерството за внатрешни работа во врска со актуелните пожари на територијата на државата приведе вкупно 11 лица, а едно лице само се пријавило во полициски станица, додека дополнително, како што велат оттаму, се работи и во врска со три осомничени лица.

Според член 227 од Кривичниот законик, предизвикувањето на шумски пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до осум години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

Според податоците од МВР до кои дојде МИА, само во изминатите 12 месеци, на територија на државата се поднесени 28 кривични пријави за сторени 26 кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и две кривични дела „тешки дела против општа сигурност“, кои се однесуваат на подметнување на пожари.https://nezavisen.mk/ognenata-stihija-gi-pogodi-atarite-na-nad-100-makedonski-sela-potrebno-e-odgovorno-odnesuvanje-na-sekoj-od-nas/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close