Годинава за шест месеци згаснале 5.022 фирми, лани за цела година 6.214
Најмногу згаснати фирми има во Скопје – 1.935, или 38 проценти. На второ место по бројот на згаснати фирми, 257, е Битола, а на третото место е Тетово, со 235 згаснати фирми.
Во првото полугодие од годинава згаснале 5.022 фирми, додека за сите 12 месеци од минатата година, бројот на згаснатите фирми бил 6.214. Ова го објави порталот „Пари“, како дел од анализата направена во соработка со „Бизнисмрежа.мк“, во која се посочува дека најмногу згаснати фирми имало во февруари, кога официјално биле избришани 3.403 фирми. Сепак, во анализата се потенцира дека бришењето голем број фирми во вториот месец од годината е вообичаено, бидејќи тогаш Централниот регистар ги брише компаниите што не се активни, во согласност со членот 552 од Законот за трговски друштва. Станува збор за фирми што не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче, или не уплатиле основачки влог во пропишаниот рок.
– Aко во минативе години бришењето по околу 3.000 неактивни субјекти е вообичаено за февруари, она што можеше да се забележи во другите месеци од првото полугодие е зголемена динамика на затворање фирми што отишле во стечај и ликвидација, а тоа, за жал, оди во прилог на предвидувањата на дел од стопанствениците дека нивната „деловна кондиција“ се троши и дека оваа година ќе има и повеќе откази од лани, и покрај генералните процеси на економско заздравување – се потенцира во анализата.
Податоците покажуваат дека најмногу настрадала трговијата (на големо и на мало), каде што биле затворени 1.622 фирми, или 32,3 проценти од сите затворени фирми. На второ место се компаниите во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна – каде што се затворени 604 фирми, или 12 проценти од сите фирми. На третото место се компаниите од преработувачката дејност со 543 фирми, или 10,8 отсто од сите фирми затворени во првите шест месеци од годинава.
Најмногу згаснати фирми има во Скопје – 1.935, или 38 проценти. На второ место по бројот на згаснати фирми, 257, е Битола, а на третото место е Тетово, со 235 згаснати фирми. По над 200 згаснати фирми имаат и Гостивар (229) и Куманово (220). Во групата со помеѓу 100 и 200 згаснати фирми влегуваат Штип, Струмица, Струга, Прилеп, Охрид, Кочани, Кичево, Кавадарци и Велес.https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/