Македонија заедно со Бугарија, Грција и Турција е еден од поголемите производители на ориентален тутун, а предноста на нашата држава покрај климатските услови уште се економските и социјалните фактори.
Тутунот е стратешка земјоделска култура, бидејќи учествува со 30 отсто од извозот во земјоделскиот сектор, а од него живеат над 40 илјади семејства во Македонија. Покрај добрите климатски услови, производството на ориентални тутуни има огромно социјално и економско значење, пред се поради фактот што традицијата на производство на ваквите видови тутун егзистира подолг временски период.
Производството и трговијата на тутун и тутунски производи во БДП учествува со околу 3,2 отсто, а тутунската индустрија во вкупната индустрија на земјава учествува со 4 отсто и преку 4 отсто од вкупно вработените во Македонија се во овој сектор.
Македонија заедно со Бугарија, Грција и Турција е еден од поголемите производители на ориентален тутун, а предноста на нашата држава покрај климатските услови уште се економските и социјалните фактори.
Експертите сметаат дека климата и почвата во Македонија се погодни и овозможуваат поголемо производство на ориентални видови на тутун за разлика од соседна Србија. Тоа значи дека ние имаме слични почвени и климатски услови со Бугарија, со Грција, па и со Турција, па заради тоа овие четири земји сме меѓу најјаките производители на ориенталски тутун во светот. Ние се наоѓаме на 30. место, Бугарија е малку нешто понапред, Грција е исто така тука, а оваа листа содржи околу 130 земји производители на тутун.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со здруженијата на земјоделците и со стручната јавност, со Закон го регулираа производство и трговијата со тутун и тутунски производи, каде што јасно се дефинирани правата и обврските на учесниците на овој пазар, како и заштита на тутунопроизводителите вклучително и поволно субвенционирање.
Од Стопанската комора на Македонија сметаат дека субвенциите, односно државната поддршка која изнесува 60 денари за килограм мора да продолжи се до евентуалното пристапување на Македонија во Европската Унија кога ќе почнат да се применуваат строгите бриселски регулативи.
Освен европските регулативи, во иднина проблем може да биде и Рамковната конвенција за контрола на тутунот која Македонија ја има ратификувано во 2006, но чии одредби се уште се прецизираат. Мора засилено да се лобира против евентуалните ограничувања во овој сектор, апелира Стопанската Комора бидејќи, според нив, тутунопроизводството е стратешка гранка која мора и натаму да се поддржува – учествува со 5 отсто од вкупниот и речиси со 30 отсто од извозот во земјоделскиот сектор, но исто така е значителна ставка во полнењето на државниот буџет.
Просечната површина што е под тутун во изминатите неколку години од 2007 до 2016 година, вклучувајќи ја и 2016 година изнесуваат некаде околу 15.300 хектари и просечната произведена количина од сите овие изминати години е некаде околу 23.000 тони произведен квалитетен тутун и предаден во откупните претпријатија.
Тутунот е значаен и од аспект на неговата широка примена како биогориво, храна и многу други полезни продукти, преку релативно едноставни технологии. Тоа е пример за зелена економија и зелени работни места, кои се многу актуелни во последните години во светот.