fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

„Наша тезга“ – онлајн пазар за локална храна што ги раскажува животните приказни на руралните жени производителки

Го подготвува Рурална коалиција со своите соработници и поддржувачи, по иницијатива на жените од руралните средини.

Локално произведена храна – зеленчук, овошје, жито, мешункасти и јаткасти плодови, пчеларски продукти и домашни преработки, ќе биде само дел од понудата на „Наша тезга“ – првиот женски вирутелен е-пазар кој треба да профункционира до крајот на годинава.

Го подготвува Рурална коалиција со своите соработници и поддржувачи, по иницијатива на жените од руралните средини.

„Наша тезга“  ќе биде спој на традиционалното производство и животните приказни на жените производителки, а ќе ги опфати сите осум плански региони во земјава, Пелагонискиот, Полошкиот, Југозападниот, Југоисточниот, Источниот, Скопскиот, Вардарскиот и Североисточниот.

Идејата е, потенцијалните потрошувачи кога ќе го посетат онлајн пазарот, најпрво да се зближат со производителките, да се запознаат со начинот на производство на храната, па дури потоа да ја купат.

Вака замислена, оваа интерактивна платформа ќе биде прва од ваков вид кај нас.

Во тек се интензивните подготовки. „Наша тезга“ треба да биде завршена до крајот на годинава. Моментно тече теренското мапирање и прибирањето податоци за жените од руралните средини, нивните производи и преработки.

-Замислено е „Наша тезга“ навистина да биде нашето локално виртуелно место на кое ќе може да се видат производите, да се дознае приказната за нив, па дури потоа да се купат, да се понудат богатите вкусови на нашата локално произведена храна, вели за МИА директорката на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски.

Според неа, иницијативата за ваквиот проект произлегла директно од жените производителки во руралните средини кои силно го почувствувале ударот од корона кризата, а една од специфичните цели е да се зголеми нивната економска моќ и независност преку создавање стабилни и конкурентни вредносни синџири во локалната заедница.

„Наша тезга“ беше промовирана во Неготино, во јуни годинава.

-Зачетокот на платформата произлезе како идеја од страна на самите жени, по појавата на корона кризата и загубата на нивните економски приходи од 60 – 80 проценти поради затворањето на пазарите, стравот на луѓето да се сретнуваат едни со други, па дури им се намали и продажбата на производите „од врата до врата“, кај оние кои со години си ги имале како традиционални потрошувачи и корисници на нивните производи. Нивниот став и идеја беше, ако не може да продаваме на пазарите, како може тоа поинаку да го направиме? Дали може да се формира некаков виртуелен, е-пазар? Токму поради тоа што идејата дојде од жените, овој пазар првично го доби називот рурален женски е-пазар, објаснува директорката.

Идејата потоа полека почнала да се шири.

– Рурална коалиција беше една од трите организации од целата држава која успеа оваа своја идеја да ја презентира и пред бизнис секторот, како и пред индивидуалните граѓани заинтересирани да донираат, по што добивме и донација која треба да го помогне нејзиниот развој. Поддршката за е-пазарот почна да се зголемува. Проектот за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) не поврза со студенти од ФИНКИ кои всушност ни ја изработија првата верзија на виртуелниот е-пазар, достапна на https://nashatezga.netlify.app/ што, пак, ни го поддржа Цивика мобилитас, вели Јоноски.

Моментот на иновативност, додава, е доловен токму со ангажманот на младите инфроматичари што е додадена вредност на платформата.

– По воспоставувањето на првичната верзија, платформата беше промовирана во Неготино преку поставување неколку тезги со македонски свежи и преработени земјоделски производи за да се долови моментот како тоа ќе изгледа и виртуелно, па на самите тезги жените и мажите производители ни ги раскажуваа своите приказни, како го почнале и како го развивале своето производство, што е вусшност и главната цел на оваа платформа – да стане жива, интерактивна и да може граѓаните најпрво да се зближат со производителките, да го дознаат начинот на производство на храната, а дури потоа да ја купат, а ваква интерактивна платформа ќе биде прва од ваков вид кај нас, нагласува Јоноски.

Ваквата иницијатива е поддржана и од Владата.

-Сакаме да ја исполниме платформата со шаренилото од бои и вкусови кои го имаме тука, на нашето поднебје, по што ќе следи поставување на приказните на жените и производите, а ќе се изработи и бренд на самата платформа и нивните производи во соработка со нашите бизнис партнери. Секако, ќе се воведе и систем за испорака до дома, но ќе се креираат и пакети со различни производи наменети за компаниите и нивните вработени. Целосно во функција со сите елементи платформата треба да биде завршена до крајот на оваа година, но штом се постават приказните и производите на жените секој ќе може да си нарача директно од кај нив, а како ќе минува времето платформата само ќе се надоградува и проширува, подвлекува Јоноски.

Освен контакт на производителите и купувачите, „Наша тезга“ ќе овозможи, доколку некој сака, да прочита и нешто повеќе за агробиодиверзитетот.

Со ставањето во функција на овој онлајн пазар, не само што ќе се афирмираат традиционалните производи и преработки од осумте плански региони во земјава, туку ќе се зголеми и нивната промоција. Дополнително, ваквиот начин на работа ќе ги зајакне дигиталните вештини кај жените од руралните средини.https://nezavisen.mk/nasha-tezga-onlajn-pazar-za-lokalna-hrana-shto-gi-raskazhuva-zhivotnite-prikazni-na-ruralnite-zheni-proizvoditelki/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close