fbpx
Агро бизнисВестиРурална ЖенаТоп вести

Најдобро ја промовираме Преспа преку храната и традицијата

„Рурални жени од Преспа“, вредни како пчели во кошница ги прават најубавите и највкусните јадења карактеристични за Преспа.

Ако сакаш да го запознаеш некој крај тоа можеш најдобро да го направиш преку храната и традицијата. Токму ова е девизата по која се раководат членките на Здружението „Рурални жени од Преспа“ кои вредни како пчели во кошница ги прават најубавите и највкусните јадења карактеристични за Преспа, при тоа запазувајќи ја традицијата, обичаите и вкусовите пренесувани со генерации од нивите баби и прабаби.

Здружението „Рурални жени од Преспа“ е засолниште за 17 жени од повеќе населени места во Преспа. Најмногу ги има од Ресен, потоа од населените места Царев Двор, Крани и Арвати. Членовите на ова здружение знаат само скромно да кажат – „Ние сервираме спомени“. Зашто нивната храна е вкусна, неодолива, традиционална, подготвена од вештите раце на руралните жени.

-Ова лето имавме повеќе настани. Настапивме на Фестивалот за храна во Љубојно исто така настапивме и на Иселеничките средби во Љубојно и имавме настап во Љубојно на манифестацијата Prespalend. Она што не издвојува како рурални жени е тоа што сакаме Преспа да ја запознаат сите добредојдени гости преку храната и традицијата, вели Виолета Прцуловска, претседател на Здружението „Рурални жени од Преспа“ во разговор за Зелена берза.

Секоја манифестација која со традиција опстојува во Преспа вредните жени од здружението ја прават неодолива токму поради вкусната храна.

-Ѓомлезе преспанско, зелник, питулици, циронки, сарми од лозов лист, баклава, штрудла со овошје, млечник, аршлама, суви пиперки, јаболкови слатки топчиња и многу, многу друга храна од богатата ризница на Преспа ги сочинува нашите трпези, на што сме особено горди, вели Прцуловска, додавајќи дека за сработеното и постигнатото енергијата ја црпат  најмногу од позитивните коментари на гостите.

-Како да се чувствувате кога ќе ви кажат, на пример –„Вие сте амбасадори на Преспа“, на овие зборови не можеш да останеш рамнодушен, ќе дадеш се’ од себе за следниот пат тоа да го направиш уште подобро, вели нашата соговорничка.

Овие вредни жени, членови на здружението не случајно се собрани на едно место, зашто како што вели Виолета сите нив ги поврзува одговорноста за зачувување на традицијата.

-Имаме кажано дека ние сме мајки, ќерки и баби, дека сме земјоделки, професорки и пензионерки, дека сме Македонки и Албанки и дека сите имаме иста цел: дружење, промоција на Преспа и зачувување на традицијата, вели Прцуловска.

Има многу случки и анегдоти во дружењето и работењето на овие наши рурални жени, а како што вели Виолета за да им биде интересно најчесто се шегуваат на своја сметка.

-Еве ќе издвојам еден настан каде имавме гости хипици од Полска и Турција и повеќето беа вегани, па ние му ја нудевме посната храна традиционална за нашиот крај како питулици со лук, печиво со расол, посни колачиња. Беа воодушевени, вели таа.

Здружението „Рурални жени од Преспа“ продолжува по патот на традицијата, почитување на животната средина преку користење на природните ресурси за надградба на туристичкиот производ.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close