Бачовски-Исплатени субвенциите за презимени пчелини семејства и за мали стопанства
ПРОВЕРЕТЕ ГИ СМЕТКИТЕ!!!Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на сметките на 5,885 субјекти исплати 224 милиони денари за субвенции.
Станува збор за исплата на средства за сите земјоделци кои стекнале право на добивање финансиска поддршка за презимени пчелини семејства, како и субвенции за мали земјоделски стопанства дефинирано според историски плаќања за претходните три години.
Според директорот на Агенцијата Никица Бачовски, откако по ребалансот стана оперативен Буџетот, апликациите се обработуваат забрзано.
-Освен апликациите за исплата на субвенции, забрзано се работат и картичките за зелена нафта. Економскиот оператор „Макпетрол” веќе ги изработи картичките што значи дека многу брзо ќе почне и распределбата на картичките за „зелена нафта” преку која земјоделците ќе може да точат субвенционирано гориво за земјоделската механизација, вели Бачовски.
Тој уште еднаш нагласува дека продолжува поддршката на земјоделството и неселективната исплата.
-Средства за земјоделците има, грижата за секторот земјоделство беше и останува во фокусот на оваа Влада. Земјоделците се наш партнер, наше е да создаваме поволни услови за раст и развој на агро – секторот а фокусот на земјоделците треба да биде производство на квалитетни домашни производи, истакнува директорот на Агенцијата./МИА