fbpx
Вести

Добриот бренд е клучна состојка на секој производ

Co соодветно пакување, брендирање и добар маркетинг, македонските производи, кои се познати по својот квалитет, може да станат многу конкурентни на странските пазари. Иако во споредба со изминатите години сопствениците на македонските компании се повеќе посветуваат внимание на брендирањето на производите, многумина од нив не го прават тоа исправно.

dobriot brend e kluchna sostojka na sekoj proizvod

 

Според претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, потребно е компаниите да сфатат дека со брендирање и инвестирање во имиџот на компанијата, производите и во услугите ќе има напредок при позиционирањето на фирмата, полесно освојување нови пазари, како и напредок на нашата економија.

– Создавањето успешен бренд бара време, макотрпна организација и корисно употребени средства. Треба да се има јасна визија за својот бренд и имиџ, како и реална претстава за пазарот. Пред да се изложи брендираниот производ на пазарот, потребно е да се направи анкета на одредена целна група во нашата земја и во регионот, за да види компанијата дали тој производ ќе биде успешен меѓу потрошувачите појаснува Бошков.

Како што вели Јадранка Накова, маркетинг-директорка на „Перминдекс”, брендирањето е исто толку важен дел од производот како и неговите клучни состојки.

– Освен постојаноста во квалитетот, вкусот и мирисот, кои се задолжителни, изгледот на секој производ е решавачки. Одлуката дали купувачите ќе го одберат нашиот, a не некој од конкурентските производи се донесува во делче од секундата. Во тој контекст брендирањето е составен т.е. неизоставен дел од целиот процес на креирање и пласирање производи објаснува Накова.

Според неа, брендирањето започнува со креирање стратегија за пласман на производите, која зависи од целната група за која се наменети производите.

Секако, тука важен е пазарот за кој се наменети, бидејќи секој пазар има сопствена приказна. Се земаат предвид географските и демографските карактеристики, различни куповни навики, различна куповна моќ кај потенцијалните клиенти. Овој процес треба да е контролиран и сите чекори да се запазени, затоа што само во тој случај сме постапиле правилно и сме донеле на свет производ што долго и успешно ќе живее на пазарот истакна Накова.

Таа смета дека брендирањето производи и имиџот на компанијата се две различни работи, но се тесно поврзани и меѓусебно зависни.

Доколку некоја компанија сака да биде сфатена како сериозен производител, задолжително треба да се следат новитетите. Клучно е да се биде свеж и модерен. Како и во сите други сфери така и во брендирањето постојат трендови. Затоа, по извесен временски период, се прави и освежување на изгледот на производот од аспект на дизајн или, пак, на пример употреба на нови форми на пакување појаснува Накова.

Од „Перминдекс” потврдуваат дека многу брендирани македонски производи не се наоѓаат на странските пазари, додавајќи дека треба да се утврдат причините за што е тоа така, да се направи опсежна анализа на конкретен случај од аспект на производ-пазар-целна група.

Доколку некоја компанија се решила да извезува на извесен пазар, секако дека би требало претходно да има информации за пазарот, куповните навики и, во согласност со тоа, да подготви нов или да модифицира постоен дизајн на конкретниот производ, за кој пак следува и стратегија за настап на пазарот (микс од маркетинг и продажни тактики) истакнува Накова.

Во последно време сопствениците на компаниите се повеќе се свесни за важноста од финализирање на производите, вели Калин Бабушку, бренд-менаџер на „MaMac”, додавајќи дека сепак имаме уште многу да учиме за брендирањето, со оглед на тоа што уште сме на почеток.

– Но убаво е што тој процес е започнат и убаво е тоа што враќање назад нема, а само така и вредноста на производите може да расте. Се додека од нашата земја излегуваат полупроизводи, ќе имаме намалена вредност појаснува Бабушку.

Од „Виталија” истакнуваат дека големо внимание му посветуваат на брендирањето, бидејќи тоа претставува значаен дел од самиот производ и дефинитивно ја зголемува вредноста на производите.

– Брендот го прави производот препознатлив меѓу потрошувачите, дава потврда за неговиот квалитет, го диференцира од конкуренцијата и е начин на комуникација и поврзување со купувачите напоменуваат од компанијата.

Оттаму додаваат дека комуникацијата со потрошувачите е клучна во развивањето на еден бренд, бидејќи мора да знаат кои се всушност нивните потрошувачи и да креираат бренд што ги задоволува нивните потреби и очекувања

– Благодарение на иновативноста и високиот квалитет, производите на „Виталија” се застапени во 55 земји на пет континенти. Тоа говори за нашата успешна стратегија за позиционирање македонски производи на странските пазари, што е навистина голем предизвик. На странските пазари постои голема конкуренција, а пласирањето на производите бара иновативност и сериозен пристап од аспект на обезбедување конзистентен квалитет на производите, следење на трендовите за креирање амбалажа и нивна презентација сметаат од „Виталија”.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close