Заев ќе бара начин да може да се гласа со истечена лична карта, над 40 илјади граѓани не можат да добијат нов документ
Предложените измени на Законот за лични карти се со цел да почне да се користи уставното име Република Северна Македонија.
Поради недонесувањето на измените на Законот за лични карти, заглавени се барањата на над 40 илјади граѓани за нова лична карта и на дел нив веќе им се блокирани трансакциските сметки, а ако не се реши проблемот до октомври, тие нема да може ниту гласаат на локалните избори.
Премиерот Зоран Заев вели дека решението на ова прашање треба да се бара со почетокот на работата на парламентот да се изгласаат законските измени во септември или со донесување соодветни одлуки или правилници да се овозможи гласање со истечени лични карти.
„Законот е блокиран од Левица со амандмани, иако политичката партија БЕСА беше доволно флексибилна амандманот за етничката определба на граѓаните во личните карти да го поднесе со одложено дејство од 2023 година, очекувајќи Европа да се изјасни за ова прашање. За мене ова е флексибилност на една сериозна партија како БЕСА, но Левица одлучи да го блокира законот. За жал поради ваквата блокада трпат граѓаните. Не се издадени преку 40.000 лични карти. Имајќи предвид дека вака е заглавено ова решение, првата можност е со работа на парламентот од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората работа е министерот за правда, заедно со другите надлежни ресори, да изнајдат начин, директно со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа. Верувам дека ќе се изнајде решение зошто и во минатото сме имале пракса, поради неможност да се издаде нова, да може да се гласа со личната карта со истечен рок. Но, проблемот не е само за изборите. Голем дел од банките не ги ставаат во функција трансакциските сметки на чии сопственици им е истечен рокот на личната карта па граѓаните не можат да земат пензија, социјална помош и други потреби“, изјави премиерот Зоран Заев.
Предложените измени на Законот за лични карти се со цел да почне да се користи уставното име Република Северна Македонија.
Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска престојуваа во Јегуновце каде ја пуштија во употреба новоизградената спортска сала во училиштето „Александар Здравковски”.