fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Старецот Благоја Нешкоски на магаре носи вода за полевање на бавчите

Наша судбина-Нивите во Пелагонија се пожедни за вода, земјоделците се помачни.

Жителите на селото Рилево во Општина Долнени се оставени цело лето на плус 40 степени без капка вода. Поради климатските промени, со текот на времето им пресушиле сите бунари и чешми, сега нема вода ниту за луѓето, ниту за стоката. А што е уште пожално ситуацијата е ваква со години, а ниту општината, ниту државата немаат волја да го решат овој проблем.

80 годишниот Благоја Нешкоски од селото Рилево во Општина Долнени секој втор ден повеќе од 5 години со своето магаре оди и по 2 км. надвор од селото за донесе техничка вода за полевање на бавчата и за одржување хигиенските потреби. Сите бунари во селото во последниве неколку години пресушиле, исто и неговиот иако е длабок 13 метри. Во него сега има само 20-тина сантиметри вода.

 

„Порано се правевме со овој бунар, пиевме од него, наводнувавме, се бањавме. Но сега за жал има само уште 20 сантиметри вода и ништо повеќе. Не можам да ја употребувам за ништо, целата е со кал. Од неа им давам да пијат само 10-тината кокошки кои ги имам, затоа што од оваа вода ми е страв да му давам да пие и на стоката. Во целото село и неговата околина остана само уште еден бунар кој има вода, сите други пресушија. Но додека да стигнам до таму со магарето и додека да извадам со кофата вода и да ги наполнам бурињата ми требаат 2 часа, не можам вака повеќе, стар сум. А што е уште пожално и таа вода не може да се пие и таа е загадена, ја употребуваме само како техничка вода“, вели Нешкоски, жител на село Рилево.

Нешкоски ја натовари количката со 3 големи буриња, го спрегна магарето и тргна кој бунарот. По 20-тина минути одење стигна до местото. Скоро 2 часа се мачеше со кофата врзана на јаже да ја спушта во бунарот и да ги полни бурињата. Кога заврши рацете му се тресеа од кревањето на голема тежина.

„Не можам да одам повеќе ми се тресат нозете. Ако можи да се помогни некако да дојдеме до вода дури сум жив арно, ако не што сака нека биди, не можам повеќе вака“, рече Нешкоски.

И неговата сопруга Трајанка Нешкоска вели дека доколку не се промени ситуацијата живот во Рилево во иднина тешко дека ќе има.

 

„Вода нема ниту за миење, ниту за пиење, апсолутно за ништо. Ќе си дојдам од тутун нема вода се напијам. Многу пати се случило апчето да го ставам во уста, а вода да нема дома. Мизерија е ова невидена и тоа вака со години и години, триста болести добивме и ништо, никој не презема ништо“, вели Трајанка Нешкоска, жител на село Рилево.

Инаку селото Рилево има 50-тина постојани жители, а во лето и викенди кога се враќаат иселениците бројот се движи и до 100 жители. Но, за жал рилевчани водовод никогаш и немале, иако уште за време на Југославија им запирале одреден надоместок на платите за да се приклучат на Регионалниот водовод „Студенчица“, тоа никогаш не се случило. Вода за пијање ваделе од бунарите, кои сега пресушиле, но и тие биле бактериолошки неисправни и често добивале стомачни заболувања. Сега вода за пијање полнат во шишиња во соседното село Ропотово.

„Ние можеме да дојдеме тука на два дена, па не можеш водата и бајата да ја пиеш. А овие постарите како ќе дојдат. Некогаш ние им носиме, некогаш тие доѓаат тука со магариња“, вели Данчо Атанасоски, жител на село Рилево кој го начекавме во селото Ропотово, како полни пластични шишиња со вода од селската чешма.

Поради климатските промени за прв пат освен селските бунари пресуши и главната чешма, во близина на селото Рилево, која тие ја користеле како место од каде добитокот пијал вода. Вода нема ниту сред село кај главното поило.

 

„Два дена стокава се нема вода напиено, ај јас некако ќе се напијам, а говедата како. Ова поило тука нема вода, чешмата долу нема, сега што ќе правиме, каде оваа стока ќе пие“, додаде Атанасоски.

Во селото има и повратници, дури и од Австралија, но за жал и тие размислуваат да се иселат поради тоа што нема вода.

 

„Јас како повратник од Австралија дојдов тука, направив куќа, вложив доста пари и беше намерата тука до селото да донесат вода и да се изгради пат, еве 7 години сум тука ни пат има, ниту вода. Сега незнам што да правам, подобро да не се враќав тука“, вели Стојан Јосифоски, жител на село Рилево.

„Јас сум жител на Скопје, но роден сум тука. Мислам да се вратам тука откако ќе се пензионирам, реновирам тука, но без вода ништо. Сопругата и децата ми велат, е како бе тато да дојдеме на село кога нема ниту вода“, додава Киро Петрески, жител на Скопје, кој е роден во селото Рилево.

 

Од пред 4 години до селото има доведено водовод, приклучен на регионалниот водовод Студенчица, но вода до чешмите засега нема.

„Зошто не е пуштена водата одговор бараме во Општината, од таму ни велат дека ќе биде во понеделник, ама не кажуваат кој понеделник“, истакна Благоја Димески, жител на с. Рилево.

Од Општината велат дека наследиле водовод до селото кој не бил функционален. Тие го решиле проблемот со главните вентили, но сега екипи на терен работеле за да видат зошто низ цевководот не може да течи вода. Жителите пак велат дека се заборавени од државата со децении и очајно молат за помош. Велат срамота е во 21 век луѓето и стоката да умираат за вода.

 

Дарко Штаргоски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close