Произведуваат мед и имаат сопствен ЗОО парк, запознајте се со средното училиште „Браќа Миладиновци“
Новата учебна година вчера започна и во средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Новата учебна година вчера започна и во средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Станува збор за единственото училиште во земјава кое има сопствен зоолошки парк и произведува мед. Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров и директорот на ЦЕЕД Македонија вчера го посетија објектот, при што учениците, наставниците и техничкиот кадар ги пречекаа гостите во реновираната зоолошка градина на училиштето, која на јавноста ѝ беше претставена во јуни годинава, пренесува https://meta.mk/proizveduvaat-med-i-imaat-sopstven-zoo-park-zapoznajte-se-so-srednoto-uchilishte-braka-miladinovczi/.
За разлика од останатите средношколци низ земјава, на првиот час, класните раководители вчера им посакаа слатко добредојде на своите ученици со по една мала тегла мед, од сопственото производство на училиштето. Подарокот содржеше и една прекрасна порака со која на сите ученици им посакаа успех во новата учебна година: „Училишен мед. Ве учи дека на светот нема ништо послатко од сопственото знаење и сопствениот успех. Со среќа во новата учебна година.
Инаку, реновираната зоолошката градина и новиот систем за аквапоника во средното училиште „Браќа Миладиновци“ беа отворени во јуни годинава. ЗОО паркот има триесетина домашни и други видови животни: лами, носести мечиња, пони коњчиња, елени, срни и разновидни птици. Средношколците ќе изведуваат практична настава со животните, но и ќе се грижат за нив.
Поради сè помалиот интерес за запишување во ова средно училиште, македонската влада започна да доделува стипендии на средношколците од земјоделско-ветеринарната струка, додека во рамките на повикот за Млади истражувачи 2, училиштето доби финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој за проектот „Аквапоника – клуч за иднината“, при што изгради систем за аквапоника и отпочна со одгледување риби и растенија во симбиоза.