Хоџа: Гарантирам дека ќе се откупи целото произведено грозје
Лозарите излегоа на протест, а Хоџа со ветување.
Гарантирам дека ќе се откупи целото произведено грозје, Министерството за земјоделство е секогаш отворено за сите проблеми на лозарите, им рече денеска министерот Арјанит Хоџа, на производители на грозје кои излегоа на протест во Неготино.
-Жал ми е што протестирате бидејќи вратите на Министерството за земјоделство се отворени да дојдете да разговараме. Но, еве сме тука, го имате целото наше внимание. Слободно кажете кои се проблемите. Ние како и секогаш, стоиме на располагање за решавање на сите проблеми на земјоделците, па и на лозарите, рече министерот, одговарајќи им на присутните лозари на нивните прашања.
Тој рече дека дошле да ги слушнат барањата на лозарите кои протестираа.
-Се договоривме протестот да прекине, до среда ќе им се одговори на нивните барања. Им кажав дека поголем дел од поголемите винарски визби одредиле цени за грозје од оваа реколта. Им го кажав ставот на Министерството и на Владата дека остануваат дополнителните два денара за килограм, се работи на тоа, тоа да важи за сите сорти и за висококвалитетни сорти на грозје. Сигурно ќе имаме подобра гроздоберска година од ланската и од претходните, дециден беше Хоџа.
Заедно со министерот, на средбата со лозарите дојдоа и пратениците Даниела Колева и Панчо Минов.
Зошто не е почнат откупот на најзастапената винска сорта ,,вранец” иако грозјето ја има потребната шеќерност и зошто се доцни со објавата на цените за килограм грозје, се интересираа меѓу другото лозарите присутни на протестот. Тие рекоа дека се одлучиле на протест поради ниските откупни цени на грозјето и игнорантскиот однос на винарии кои со овие цени ги демотивираат лозарите.
-Ние лозарите бараме само да ни се вреднува вложениот труд и да знаеме предвремено дали да вложуваме во лозарството или да го напуштиме. Ако останат ланските цени се гледа крајот на лозарството во нашиот крај.
Да ги задржиме младите лозари од иселување, порачаа тие од протестот.https://sitel.com.mk/hodzha-garantiram-deka-kje-se-otkupi-celoto-proizvedeno-grozje