fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Берачите на јаболка од Албанија без ПЦР тест ќе влегуваат во земјава

Потребни се илјадници луѓе за берба на јаболка, а засега само 10 отсто од бербата е почната во овој регион.

Берачите на јаболка од соседна Албанија без ПЦР тест ќе можат да влезат во земјава на граничниот премин Стење. Ваков договор е постигнат во координација на Општина Ресен и Министерството за земјоделство, потврдуваат од Здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен. Одлуката помина на седница на Влада.

Ова им оди во прилог на овоштарите кои последните 7-8 години мака мачат да најдат работници. Љубе Пампулески, претседател на здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ објаснува дека работниците на граничниот премин ќе остават податоци каде ќе престојуваат, и колкав период, со цел надлежните да имаат увид. Додава дека работниците од Албанија ќе стигнуваат од денеска, а нивната сезонска работа во земјава секако ќе заврши до 1 ноември.

„Потребни се илјадници луѓе за берба на јаболка, а засега само 10 отсто од бербата е почната во овој регион. Подобро е доколку луѓето бидат вакцинирани. Ќе ги почитуваме мерките и протоколите, ќе внимаваме да нема некое поголемо мешање. Дел од работниците ќе пристигнат од Битола, Прилеп и Велес“, рече Пампулески.

Ерол Куртовски, овоштар од Ресен вели дека деновиве ќе побара неколку работници за берба на јаболка.

„Од 1 до 5 октомври можно е да ангажирам 4 работници. Контактите ги имаме од претходните години, и од домашните берачи и од Албанија“, рече тој.

Дневницата ќе изнесува од 1.200 до 1.500 денари, со обезбедено сместување, но и оброци. Доколку нема работна сила, можно е да има и зголемување на дневниците.

Овоштарите од Ресен и Преспа велат дека пред 15 години немаа проблеми да обезбедат работници, дури имало поголем број на работници од потребното, и биле во позиција да ги бираат помладите, повредните и оние кои веќе имаат искуство.

„Оние кои тогаш имале 50 години, сега се пензионери и не можат да работат. Недостиг на работна сила се јави поради миграцијата во Европа, но и поради стареењето на населението. Но, ова е балкански проблем, не е погодена само Македонија, туку истото се случува и во Грција, Албанија, Србија“, додава Пампулески.

Производителите на јаболка од 2016 година наваму многу потешко наоѓаат работници, и се благодарни на државата што помогна без тестови албанските работници да можат да дојдат во Македонија. Во Ресен и Преспа се раѓаат од 80.000 до 150.000 тони јаболка годишно.https://faktor.mk/berachite-na-jabolka-od-albanija-bez-pcr-test-kje-vleguvaat-vo-zemjava

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close