fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Почна културно-промотивната манифестација „Денови на кочанскиот ориз”

Со изложбата на делата од Ликовната колонија „Арт варијации", почна 30. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2021".

Годинашнава петдневна културно-промотивна манифестација, посветена на главната земјоделска култура во кочанскиот регион, содржи десетина настани што поради здравствените протоколи во услови на пандемија, во најголем дел ќе се реализираат на отворено.

Централниот дел од манифестацијата, со традиционалното зажнејување и вршидба на ориз ќе се одржат в сабота, на 2 октомври, на површините на Институт за ориз во Кочани, а носител на презентацијата на обичаите ќе биде Здружението на пензионери – Кочани. Во таа пригода ќе биде доделена и наградата на најуспешниот оризопроизводител, по што ќе се одржи фолклорен концерт на платото во Трговскиот центар.

Во рамки на „Деновите на кочанскиот ориз” ќе има проекција на анимирани филмови и на едукативни еколошки видеоматеријали поврзани со осоговскиот заштитен предел, а во Центарот за култура „Бели мугри” ќе се одржи работилница за анимација со ученици од основни училишта во Кочани, која ќе ја водат претставници од Фестивалот „Анимакс” од Скопје.

Во програмата на манифестацијата е и промоција на книгите „Византија и Русија од појавата на Русија до смртта на кнезот Владимир” од Иле Велков и „Аматерски театар Бели мугри – Кочани” од Киро Герасимов.

На 1 октомври во дворот на ОУ „Малина Попиванова” ќе се одржи велосипедска работилница, на која најмладите ќе се обучуваат за одржување и користење на велосипедот како еколошко превозно средство. /МИА

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close