Празните училници во струмичко Мокрино говорат за масовното иселување
Напуштени куќи, празни улици и земјоделски површини без работници, се реалноста во мирното селото под Беласица
Од година во година, бројот на ученици во основното училиште „Видое Подгорец“ во струмичко Мокрино се намалува. Причина е иселувањето на младата популација во западноевропските земји. Напуштени куќи, празни улици и земјоделски површини без работници, се реалноста во мирното селото под Беласица
Тишина. Тоа е првото нешто што го чувствувате кога влегувате во струмичкото село Мокрино. Едно е од шеснаесетте села во општина Ново село. Сместено во падините на планината Беласица, на надморска височина од 370 метри, селото изобилува со прекрасна природа, зелени површини, чист воздух и три извори од кои истекуваат 40 литри вода во секунда.
Во селото е празно. Одвреме навреме ќе се слушне звук на трактор управуван од постар земјоделец кој се упатил кон нивата на работа. Ретко се среќаваат млади луѓе.
Само пет деца од прво до петто одделение учат во основното училиште „Видое Подгорец“ во селото. Училиштето постои од 1957 година, но училниците никогаш не биле толку празни како денеска. Одделенската наставничка Лина Стојчева-Китанова вели дека ова училиште не било секогаш така празно, но дека секоја секоја година бројот на ученици драстично се намалува.
„Загрижува фактот што во последните години бројот на ученици драстично се намалува, што не е случај само во нашето училиште. Причината е тоа што помладата популација се повеќе се иселува во западноевропските држави, посебно од овде се иселуваат во Швајцарија“, раскажува Стојчева-Китанова.
Иако со малку ученици, во училиштето се реализира современа настава, адаптирана според бројот на учениците.
„Активностите ги адаптираме според бројот на ученици. Часовите ни се секогаш исполнети и предност е што имаме доволно време да им посветиме на секој од учениците, бидејќи се малку“, вели Стојчева-Китанова.
Сликата не е поразлична и во соседните села. Малку ученици има и во подрачните училишта во Мокриево, Смолари, Бориево, Дражево и Габрово.
Во Мокрино и куќите се празни. Ги има околу 270, но повеќе од 60 проценти од нив се без луѓе.
„Во селото има повеќе кучиња, отколку луѓе. Сите си одат. На прсти може да се избројат младите луѓе кои решиле да останат во селото. Еве јас сум еден од тие. Имам две деца и со сопругата заедно работиме во продавницата. Не можеме да си дозволиме да вработиме друг работник, зошто одвај вадиме за плата за нас двајцата“, ни раскажа продавачот во локалното дуќанче на сред село, обидувајќи се да ни ја долови тажната реалност во ова село.https://www.slobodnaevropa.mk/