fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Лука Пешовски најмладото краварче во Козјак

Дејан и сопругата Жаклина имаат три сина, поголемите синови завршиле училиште и работат, а надеж дека ова семејство уште долго ќе сточари е најмалиот син Лука.

Дејан Пешовски(42) е меѓу помладите фармери кој сточари во родното село Козјак, а поинтензивно се занимава со сточарство во последниве 20 години. Селото Козјак припаѓа во атарот на општина Карбинци и е оддалечено од Штип 14 километри. Како и повеќето села под падините на Плаковица е познато по сточарството, а едно од поголемите стада го има токму Дејан. Нашиот сточар одгледува педесет крави од повеќе  раси, како и високо стелни  јуници, кои се на слободна паша, триесет кози и шест овци.

Дејан и сопругата Жаклина имаат три сина, поголемите синови завршиле училиште и работат, а надеж дека ова семејство уште долго ќе сточарии е  најмалиот син Лука кој го затекнавме заедно со кравите на поило. Лука е   најверојатно  и најмладото краварче не само во Штипско, туку и пошироко.  Зборливо и храбро дете со силен став, но и стап во рацете за како што вели, да го тера добитокот на паша, секој ден и на делник и на празник. Секако дека  не е сам, туку е заедно со мама или тато.

-Сега ќе тргнам во седмо одделение и навистина не знам колку време ги пасам кравите, важно е дека ги пасам, вели нашиот Лука. Кога го прашавме дали му е тешка работата одговори: Тешко ми е, но како така морам да ги пасам. Мора да работам, зошто кој ќе ни работи? – никој, речиси во еден здив праша и сам си одговори Лука.

Потоа се надоврза дека не се плаши од кравите, а веќе ниту од „лошиот“ бик кој во меѓувреме го продале, бидејќи  како што ни раскажа  имал незгода со него, ама за среќа се завршило добро. По таа немила случка, повеќе не сака  да чуваат бикови.

Сепак покрај сточарењето, Лука ни откри дека во иднина, кога ќе порасне сака да биде градинар, дури и овоштар, да има големи градини и насади, а во нив да има  разни зеленчуци и овошје. Тоа  на овие негови години му е голема желба и амбиција, но откако ќе заврши училиште зашто како што ни рече сега и  учењето е тешко, ама кој работи ќе има и пари, ни се довери Лука.

Момчето и неговата мајка го поведоа стадото на другата страна, на сега пресушена Козјачка Река, а ние го продолживме разговорот со главата на семејството Дејан. Додека стоевме под сенките на дрвјата во близина на поилото видовме необична слика која што нашиот соговорник ја посочи како најголем проблем на овдешните сточари. Кравите со исплазени долги јазици се бореа за капка вода од славината зашто каналетката беше празна и не може да се наполни, а стоката  ја гасеше жедта во самите вирчињата, бидејќи истекла од чешмата во калта. Подолго време славината  пушта малку вода и тоа е проблем да се напои добитокот, не само за Пешовски, туку и за останатите  сточари, па и покрај нивното барање до надлежните да дојдат да интервенираат, тоа не се случило.

-Летото е катастрофа за кравите. Зимата  ќе надојде реката и пијат од неа. Гледате, жално е, самите  крави како да молат за вода, вели  фармерот Пешовски.

Но, ова не е единствениот проблем  на овдешните сточари за кој ни раскажа  нашиот фармер. Проблем е и самото напасување на стоката од селото зашто сточари од  околните села ги узурпирале нивните пасишта, а тој и останатите  од селото плаќале пашарина.

Инаку, според Пешовски и исплатата на субвенциите е проблем, долгото чекање  на парите за предаденото млеко во млекарниците, како и дополнителната помош.

-Од една крава направив педесет, како ја купив почнав да си оставам женските телиња и  не продавав за да дојдам до овој број. Млекото во млекарниците  го  плаќаат по 22 денари за литар, ама редовно не плаќаат. Џабе и 30 денари да ти го платат штом не е  редовно плаќањето. Целото молзено млеко го давам во млекара, вели тој.

Нашиот фармер на своја кожа искусил дека сточарењето не е лесно, особено што од овој семеен бизнис егзистира неговото семејство.

-Помошта од државата е добра, но не доволна, ако сам не се трудиш повеќе  да спечалиш. Субвенциите помагаат нешто, но тоа е  минимално. Нема некој да се ангажира да рече – дајте на овој човек чува крави да му помогнеме, се пожали Дејан.

Пред неколку години ова сточарско семејство купило нов трактор и тоа преку програмата  за рурален  развој позната  кај земјоделците  како 50-50, а за  мерките од  ИПАРД програмата се уште добро не е информиран.

Пешовски е и полјоделец,  на своја земја  на површина од 60 декари сади претежно житни култури. Произведуваат ама и купуваат храна, но болно прашање за него е распределбата  на државното земјиште. Смета дека помалите земјоделци се обесправени и дека  земјиштето се дава на поголемите  газди.

-Треба да ти дадат земја да работиш, а тие даваат на еден човек, само тој ли овде  во селото ќе  биде земјоделец и  како  ние  помалите  земјоделци  да опстанеме?. Одиш и се молиш да ти  дадат земја да работиш, реагира нашиот фармер.

Сточарењето е тешка работа, колку е ќарот некогаш толку е и зијанот, ни рече при крајот на разговорот Пешовски кој побрза да го стаса стадото водено од Лука  и неговата сопруга Жаклина.

-Ако има поддршка за земјоделството, земјоделците ќе работат, ако нема никој не може сам, се ќе продадеш. Децата имаат своја судбина не можеш да им даваш обврски. Ќе дојде време ќе се оженат и ќе имаат семејство, а  тогаш  ќе мора  да вработиш и човек и да го платиш. Засега не планирам да го зголемам стадото, нека остане вака, рече Пешевски.

 

Јулија Малинова за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close