Повисока инфлација-без паника, ама на штрек
Состојбата треба будно да се следи и ако има потреба да се реагира со соодветни мерки
Економските аналитичари велат дека во моментот нема потреба од паника за влијанието на инфлацијата врз натамошните поскапувањата на производите. Сепак додаваат дека состојбата треба будно да се следи и ако има потреба да се реагира со соодветни мерки.
Растот на цените на енергенсите само ги потврди очекувањата на економските експерти дека стапката на инфлација во земјава најверојатно ќе биде повисока од проектираната стапка од 2,3 отсто. И официјално гувернерката на Народната Банка Анита Бежовска изјави дека со оглед на движењето на цените на храната и на енергенсите, најверојатно ќе биде направена умерена нагорна ревизија на инфлацијата со следните макроекономски проекции, но дека сепак, не станува збор за раст на цени кој е алармантен.
Од НБРМ додаваат дека засега се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки, како што предвидува и Меѓународниот монетарен фонд.
Благица Петрески од Институтот за економија „Фајнанс тинк“ вели дека во моментот нема потреба од паника за влијанието на инфлацијата на натамошни поскапувања.
„Во моментот не треба да генерираме било какви други мерки, затоа што во еден дел овие инфлаторни притисоци ќе бидат привремени, а што ќе се случува понатаму со електричната енергија чија цена расте тука треба да се следи будно ситуацијата и соодветно да преземеме мерки. Не треба да преземаме никакви други мерки затоа што на тој начин повторно ги креираме тие инфлаторни очекувања, а од друга страна секогаш зборуваме дека порастот на платите треба да ја следи продуктивноста така што во моментот сметам дека треба да ги следиме факторите кој влијаат и соодветно на нив да преземаме мерки,“ вели Петрески.https://www.slobodnaevropa.mk/a/