fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Не ги палете стрништата-заорајте и направете ѓубриво

Невладината организација „Рурална коалиција“ во моментов го имплементира проектот „Стоп за палењето на стрништата“ чија цел е да се зајакне свеста кај земјоделците да престанат со оваа пракса.

Палењето на стрништата и во 21 век продолжува да биде негативна пракса кај македонските земјоделци која не носи буквално никаков бенефит. Но за жал и покрај големите опасности кои може да се создадат од истата таа продолжува во некои региони во државата да се пренесува како своевидна традиција. Земјоделците кои го прават ова сметаат дека доколку ја запалат нивата каде претходно имало некоја житна култура тие ќе ги уништат плевелите, штетниците и разните болести кај растенијата. Но, овие нивни размислувања воопшто не се точни.

За тоа колку е штетно палењето на стрништата како за самото земјиште така и за околината, советуваат и земјоделци и стручни лица.

Беџет Исламоски од прилепското село Канатларци, е еден од поголемите земјоделци во Пелагонија со околу 100 хектари засадени со житарица. Апелира до сите земјоделци да не ги палат нивите затоа што стрнката, односно остатокот од житото кога се жнее, наместо да се пали може да се употреби како природно ѓубриво.

-Јас како што имам посетувано разни саеми и слушано од експерти, агрономи, се апелира да се ора стрништето и да се направи ѓубриво од тоа. Јас имам купено дробилка да ја дробам сламата за да  ја користам како ѓубриво. Во иднина одиме на поголем принос. А тие што мислат дека ќе ја запалат го уништуваат земјиштето 5 до 10 сантиметри во длабочина и потоа се паѓа на приносите, вели Исламоски, земјоделец од Канатларци.

И други земјоделци се против ваквата негативна пракса. Од Асоцијацијата на земјоделци на Македонија истакнуваат дека земјоделците немаат буквално никаков бенефит од палењето на стрништата, напротив дури ќе имаат и помал принос. И тие апелираат да се престане со неконтролираното палење на стрништата.

-Доколку стрништето го заораме навремено ќе имаме дополнително хранливи материи во самата почва. Доколку стрништето се заора, а не се запали, ние ќе имаме посигурна почва која ќе има хранливи материи, а обратно доколку се запали тогаш јасно е дека нема што да очекуваме освен тоа што земјата сака природно да го даде, рече Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.

 

Со палењето на стрништа се уништуваат корисните микроорганизми во почвата

Стручните лица и експертите од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, велат дека со палењето се прави повеќекратна штета врз почвата и се уништуваат сите корисни микроорганизми.

-Самите остатоци во себе содржат одредени хранливи материи кои со нивното разложување би биле добра храна и подлога за наредната култура. Жетвените остатоци се посебно богати со калиум, така што после житните култури кај нас се сади тутунот, тој е култура која сака калиум, така што за идната година таа култура ќе има висок квалитет. Се губат корисните инсекти, добрите микроорганизми затоа што со самото палење се осиромашува почвата до одредена длабочина со тоа палење, изјави Горанчо Томески, советник за земјоделство и рурален развој при АПРЗ.

Од Државниот земјоделски инспекторат велат дека се разгледувало воведување на законски решенија кои се практикуваат во другите европски држави, а тоа е доколку некој земјоделец биде фатен како ги пали стрништата на истиот да му биде ускратено правото да добива субвенции. Годинава имало 400 надзори, 12 прекршочни пријави и биле изречени 8 платни налози, а во 3 случаи имало и кривични пријави од страна на МВР. Од Инспекторатот бараат државата да ги зголеми и казните бидејќи истите во овој момент биле мали.

-Казните се многу мали, околу 200 евра ако нема некоја поголема штета, ако има поголеми последици тогаш од страна на МВР следува и соодветна кривична пријава. Исто така се размислува сериозно и за измена на законските прописи, во некои држави од ЕУ, особено тие во регионов, во случај да биде фатен сторителот на палењето на стрништето му се одзема правото на субвенции и тоа дава резултати, потенцира Зоран Шапуриќ, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

 

„Стоп за палењето на стрништата“

Невладината организација „Рурална коалиција“ во моментов го имплементира проектот „Стоп за палењето на стрништата“ чија цел е да се зајакне свеста кај земјоделците да престанат со оваа пракса. Во рамки на проектот било направено истражување во кое биле опфатени 150 земјоделци, за тоа што тие мислат за палењето на стрништата и за штетните последици околу тоа. Резултатите од истражувањето се навистина поразителни.

-Најголемиот дел од земјоделците, дури 72% сметаат дека палењето на стрништата ниту е штетно, ниту пак е причина за предизвикување на пожарите, што за нас беше загрижувачки како факт. Со оглед на тоа што и ова лето имавме можност, но и изминатите периоди тоа да го гледаме. А исто така најголемиот дел од земјоделците или 58% и воопшто немале можност за посета на било каква едукација или обука која што е насочена кон правилно третирање на земјоделскиот отпад. Би сакале уште еднаш да апелираме дека палењето на стрништата е штетно како по однос на почвата така е штетно и за опожарените површини за кои е потребно и до 50 години за да истите се обноват после пожарот, а од друга страна се предизвикуваат и штетни последици по однос на воздухот кој го дишеме, истакна Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална коалиција“.

Според одредени сознанија годишно во Македонија горат од 11 до 15.000 хектари, а причина за голем дел од тие пожари е токму палењето на стрништата. За 5 години Македонија пожарите ја чинат 35 милиони евра. Токму затоа од „Рурална Коалиција“ апелираат до земјоделците да престане оваа штетна пракса, но апелираат и за поголема активност на институциите на терен. Велат дека и понатаму ќе продолжат со едукативни програми за зголемување на свеста од штетноста од палењето на стрништата.

 

Дарко Штаргоски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close