Земјоделските производи од новата реколта ќе бидат многу повисоки во цените
Една вреќа ѓубре од 25 килограми беше од 500 до 600 денари, а сега е 1.000 денари.
Речиси веќе се е поскапено, а цените на прехранбените производи нема да престанат да растат. Прогнозите не се воопшто оптимистички, аналитичарите предвидуваат дека нагорениот тренд на инфлацијата ќе продолжи, а некој производи не само што ќе бидат многу скапи, туку и ќе ги нема, слика која веќе ја гледаме во маркетите на повеќе европски земји. Во меѓувреме, од бизнис-секторот веќе предупредија дека состојбата е неподнослива и ако не се преземат конкретни мерки до крајот на годинава храната ќе поскапи за 50 проценти. Од Владата пак смируваат дека будно ја следат состојбата со цените и ако е потребно ќе интервенираат со замрзнување на цените на основните производи.
Цените се зголемени, особено на оние производи кои се дел од потрошувачката кошничка на граѓаните, што негативно се одразува врз нивните семејни буџети. Освен производите во маркетите, поскапен е зеленчукот на пазарите, а според прогнозите на земјоделците цените на земјоделските производи допрва ќе растат.
-Се зголемија цените на речиси сите репроматеријали и препарати за производство. Така што цените на земјоделските производи од новата реколта ќе бидат многу повисоки. Една вреќа ѓубре од 25 килограми беше од 500 до 600 денари, а сега е 1.000 денари. Најавите се дека цените на репроматеријалите ќе продолжат да растат, а доколку ние ги задржиме старите цени покрај и така ниските откупни цени на земјоделските производи ќе имаме големи загуби, вели за ВЕЧЕР, Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека сè уште се прават анализи и засега остануваат на ставот дека цените на прехранбените производи ќе продолжат да растат, но не знаат до кога. Чекаат да завршат локалните избори и да видат кој мерки ќе ги преземе Владате па потоа ќе коментираат. Оттаму додаваат дека инфлацијата кај нас и не е толку голема како во европските земји, односно дека допрва ќе следи пораст и недостиг на некој од основните прехранбени производи.
И од Сојузот на стопански комори предвидуваат дека стапката на инфлација ќе биде повисока од оваа што ја ревидираше Народна банка.https://www.vecer.press/