fbpx
Без категорија

Черепот на Свети Климент Охридски

Черепот на Свети Климент Охридски се наоѓа во Грција, најголем дел од неговите мошти се наоѓаат во црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, возобновена во 2001/2002 година.

Историски еден од најдобрите и најекспонирани ученици на Светите браќа Кирил и Методиј е несомнено Свети Климент Охридски. Тој живеел во периодот од 840-916 година. Во 886 година ја формирал Охридската книжевна школа, подоцна попозната како Прв словенски универзитет со седиште во Охрид. Во овој Универзитет се смета дека се образувале околу 3.500 ученици. Покрај просветната и црковна дејност тој развил и богата книжевна дејност. Во создавањето на кирилицата неговата улога дел од научниците ја потврдуваат, додека дел ја негираат тврдејќи дека тој ја користел исклучиво глаголицата. Сепак, многубројните мисии и дела кои се случиле за време на неговиот живот го направиле бесмртен. Користејќи го старословенскиот јазик тој се потврдил како еден од најзначајните и најплодните писатели од тој период.

Денес многу улици, образовни и државни институции во Македонија и Бугарија го носат името „Свети Климент Охридски“. Соборниот храм во Скопје како централен верски објект, Националната и универзитетска библиотека, како и Битолскиот и Софискиот универзитет во негова чест исто така го носат тоа име.

После богатиот повеќедецениски  духовен и образовен живот тој починал на 27 јули 916 година во Охрид. Погребан бил во манастирската црква „Свети Пантелејмон“ (Старата Климентовата црква) во гроб кој претходно самиот си го подготвил. Набрзо после неговата смрт тој бил канонизиран. Откако Османлиите ги освоиле овие простори, некаде околу 1515-тата година тие овој храм го претвориле во џамија. Сепак, среќна околност била што Турците на охриѓани им дозволиле да ги преземат светите мошти и да ги префрлат во некој друг христијански храм. Во организација на група монаси, светите мошти прво биле пренесени во малата црквичка „Мал Свети Климент“ за подоцна тие да бидат префлени во „Света Богородица Перивлепта“, како храм од повисок ранг. Според некои историски податоци и раскажувања, во текот на префрлувањето на моштите, неговиот череп бил преземен од двајца монаси. Тие, черепот го однеле во манастирот „Свети Јован Претеча“ кој се наоѓа во близина на Бер (денешна Верија) во Грција.

Овој манастир е распослан на височините над Бер (Верија) од каде се протега извонреден поглед на околината. Во близина се наоѓа и малото место Кутлеш (Вергина) каде што е пронајден саркофагот кој се смета дека припаѓал на Филип Втори, таткото на Александар Македонски. На поклопецот на овој саркофаг изработен од злато се наоѓа и знакот со шеснаесеткракото сонце. До манастирот „Свети Јован Претеча“ се доаѓа по змијулест асфалтен планински пат по кој на последната делница интензивно се совладува височината. Овој манастир посветен на Свети Јован Крстител, бил особено важен во животот за Светиот Климент Охридски, затоа што тука тој се замонашил. Денес старешина на манастирот е игумен Порфириј Светогорец. Во многу случаи постојат сведоштва за исцелителната моќ на черепот на Свети Климент Охридски. Од пред околу десетина години владее голема заинтересираност и кај нашите граѓани за  организирање на  поклонички патувања  до овој манастир.

Покрај черепот на Свети Климент Охридски кој се наоѓа во Грција најголем дел од неговите мошти се наоѓаат во црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, која беше возобновена во 2001/2002 година. Исто така, мошти има и во Бигорскиот манастир, Поречкиот манастир, Митрополијата во Битола, црквата „Свети Климент Охридски“ и „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје. Во Бугарија има мошти во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Пловдив, како и во црквата „Светите Седмочисленици“ во Софија.

 

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close