fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиВкусот на традицијатаМакедонијаТоп вести

Јанески-Муштериите не мислат на трудот и маката на земјоделците, само бараат поевтино

После целата макотрпна работа и вложениот труд нашиот земјоделец Панте вели дека она што најмногу го иритира е кога муштериите ќе му кажат дека пиперот или јаболката се скапи, без да покажат почит кон сработеното и со мака произведеното.

Колку повеќе семе во пиперката, толку поубава е бистричката црвена пипер. Тајната за производство на црвената пипер за манџа ни ја открива Панте Јанески (65) земјоделец и производител од битолското село Бистрица.

Панте во дворот од својата семејна куќа во објект специјално наменет за сушење на црвена пипер, на почетокот од ноември, го ложеше огнот во печката, а од таванот беа надвиснати стотици вреќи со црвени пиперки кои се сушеа за производство на пипер за манџа. Всушност буковската и бистричката пипер немаат разлика освен што едната се произведува со селото Буково, а другата во Бистрица.

Нашиот мајстор за црвена пипер вели дека низите со пиперки се оставаат да се сушат во специјална комора 20 дена, а огнот се ложи постојано и не смее да изгасне. Пиперките мора да се исушат до фаза убаво и ситно да се кршат за како што вели Панте да може каменот на воденица да ги сомеле, буквално наситно како брашно.

-Пиперот обесен во вреќи се суши во фурната. Тие 20 дена се бессони ноќи додека се суши пиперот, огнот се ложи и дење и ноќе, нема спиење, оти не дај Боже да заискри огнот, па да се запали пиперот, се ќе оди во неповрат, цела фурна ќе се запали. Затоа, додека не го направиме пиперот нема раат спиење, раскажува искусниот мајстор.

Низи со црвени пиперки се сушат речиси на секој ѕид од семејната куќа на Јанески, црвенилото и редиците од низи во дворот се уште попривлечни со куповите од разнобојни тикви, што за јадење, што за семки вадење, а туку во гајби  се и насобраните мушмули, јаболка…Убавината на овој селски двор ја надополнуваат петлите и кокошките како и зајачето, сите убаво одгледувани.

После целата макотрпна работа и вложениот труд нашиот земјоделец Панте вели дека она што најмногу го иритира е кога муштериите ќе му кажат дека пиперот или јаболката се скапи, без да покажат почит кон сработеното и со мака произведеното.

-Па им велам – барај си поевтино, па ќе најдиш! Се она што е квалитетно е скапо, категоричен е нашиот земјоделец.

Тешка е работата на земјоделците, најпрво работата на нивите, па се до крајниот производ што оди на трпезите.

 

-Годишно произведувам до 32 тони пипер за манџа црвена и исто така и толчена. Пиперки садам на еден хектар и ова го практикувам со години наназад. Буковската пипер е бренд и така останало, но и нашата пипер од Бистрица е истата со многу висок квалитет, и ние во нашето село ја произведуваме со генерации. Дури порано немаше куќа во Бистрица која не правеше пипер, сега не е така, останавме најупорните. Повозрасните садиме пиперка и правиме пипер, како тргнала работата и оваа пипер за манџа ќе нема кој да ја произведува. Ако направиме споредба со минатото и денес цените сега се ниски и не се исплаќа трудот, а да не зборуваме колку плаќаме за аргатите за 1 час работа, се пожали нашиот соговорник и направи споредба и со цените на овошките.

-Еве за споредба и со цените на јаболкото. Пред 20 години јаболкото ни одеше по 20 денари од килограм, а сега е 10. Трошоците се за 30 до 50 проценти повисоки. За овошките е тешко, ќе се корнат дрвјата постепено. За жал ќе се доведеме до ситуација земјоделието да се напушта и  младите да одат да бараат работа по фабриките. Сега сме во една незавидна положба, нашите ладилници се полни со јаболка, ама кому да му ги дадеме? На тројца трговци од Скопје што сакаат трудот да ни го откупот по мизерни 10 денари од килограм? Оваа цена е неисплатлива, на големо јаболкото треба да биде минимум 25 денари од килограм. Затоа самите одиме на пазар да продаваме, веќе 40 години сме на тезга на Битолскиот зелен пазар, вели нашиот овоштар Јанески.

Фамилијата Јанески е доселена пред речиси 5 децении од Охридското село Завој во Бистрица. Од тогаш па се до денес три генерации се занимаваат со земјоделие, одгледуваат овоштарници со јаболка и други овошки.

-Во 1973 година, кога јас имав 15 години моите родители од охридско се доселија во Бистрица, од тогаш работиме земјоделие. Бевме деца и родителите не донесоа овде за подобар живот, зашто Завој беше сиромашно село. И така овој простор овде беше како нива, па ние направивме куќи и подигнавме овоштарници. Од 2000 квадратни метри простор се проширивме на 3 хектари земја. И моите деца и покрај тоа што се менува начинот на живот сепак засега останаа на село, вели Панте завршувајќи ја оваа приказна со оптимизам- на синовите им купуваме земја да има да работат.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close