Сузбивање на причинителот на апоплексија (ЕСКА) кај виновата лоза
Подготвил: м-р Васко Манев
Причинителот на апоплексија на лозата или ЕСКА претставува значаен проблем во производството на винско и трпезно грозје во цела Европа. Во Европската Унија вкупната површина под лозови насади изнесува 4.200.000 хектари, а според некои проценки од вкупната површина околу 1.000.000 хектари се непродуктивни бидејќи се погодени од оваа болест. Во Шпанија и Италија, 30 % од вкупните површини се непродуктивни како последица на ЕСКА, и доколку не се преземат соодветни мерки, во иднина тој процент би бил многу повисок. Според наши проценки, процентот на зафатена површина која е непродуктивна како последица на ЕСКА, кај нас се движи од 20 до 30 % од вкупната површина под лозови насади.
ЕСКА е комплексна болест чии главни причинители се неколку габи, од кои 3 се сметаат како главни: Phaeomoniella chlamidosporra, Phaeoacremonium aleophilum, Botryospheria sp.. Oвие патогени продуцираат конидии кои се транспортираат со воздухот (ветер, дожд). Конидиите ги колонизираат раните, особено оние кои настануваат со резидбата, и растат во васкуларните ткива.
Главни последици од оваа болест се: губење на квалитетот, намалување на приносот, угинување на лозите, трошоци за пресадување.
VINTEC е нов биофунгицид кој е регистриран за сузбивање на причинителот на ЕСКА кај виновата лоза. VINTEC ја содржи габата Trichoderma atroviridae сој SC1. Оваа габа е природно изолирана од стебло на лешник во северна Италија, а се одликува со уникатен механизам на делување. После апликацијата на раните кои се настанати со резидбата на виновата лоза, габата сапрофитски ги колонизира раните, пенетрира во мртвото дрво, и на тој начин габите кои се причинители на ЕСКА не можат да растат во дрвото кое веќе е колонизирано од Trichoderma. Дополнително Trichoderma произведува литички ензими кои ги убиваат патогените преку деградација на мицелијата и спорите.
Регистриран е за сузбивање на габите кои се причинители на апоплексија (ЕСКА) кај виновата лоза, а за контрола на оваа болест се применува веднаш после резидба во концентрација од 200 gr / 100 L вода, при што се прскаат раните кои се настанати со резидбата. За време на прскањето температурата треба да е над 10℃ за најмалку 5 часа, а релативната влажност на воздухот > 70%. За контрола на ЕСКА, VINTEC може да се применува уште во производството на садници од винова лоза, при тоа се потребни три апликации: 1. Хидратација (пред калемење), 2. Стратификација, 3. Пред садење на постојано место. Покрај ЕСКА, во винова лоза VINTEC е регистриран за сузбивање на причинителите на сиво гниење, пепелница, пламеница, црна дамкавост (ескориоза) и еутипоза. Се применува со прскање во доза од 200 gr/ha, a притоа потребни се неколку превентивни третирања од почеток на вегетацијата па се до созревање на грозјето.
Покрај винова лоза, VINTEC e регистриран за примена во домат, пиперка, модар патлиџан, краставица, корнишони, салата и зелка за сузбивање на причинителот на сиво гниење (Botritys cinerea). Во овие култури се применува во доза од 200 gr/ha. VINTEC е дозволен за примена во органско производство, и за сите наведени култури нема каренца.
Подготвил: м-р Васко Манев