fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Привршува жетвата на оризот во Кочанско

Досега жетвата на оризот во Кочанско е реализирана со околу 95 отсто

Со прибирањето на родот од земјоделските површини во атарот на селата Спанчево и Соколарци, привршува жетвата на оризот од овогодишната реколта во кочанскиот регион.
Жетвените активности задоцнија околу еден месец, пред сè поради обилните врнежи во текот на октомври и присуството на вода во нивите, а земјоделските производители се пожалија и на недоволниот број комбајни и друга механизација.
-Досега жетвата на оризот во Кочанско е реализирана со околу 95 отсто, а според сегашната динамика очекуваме до почетокот на идната недела целосно да биде завршена. Приносот по хектар е нешто повисок од просечните 5,5 тони, но квалитетот на зрното е послаб од минатата година, што значи дека рандманот ќе биде под очекуваните 50 отсто. Негативно влијание врз вегетацијата на оризовото стебло имаа неповолните временски услови во периодот после сеидбата, но и тримесечниот период со натпросечно високи дневни температури во текот на летото. Сето тоа, заедно со високата влажност на почвата во текот на жетвата, придонесе за послаба реколта од минатогодишната, истакна Горан Миладинов, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кочани.
Послабиот квалитет на арпата, заедно со повисоката влажност на зрното, влијае и врз откупните цени, а во зависност од сортата, откупно-преработувачките претпријатија на земјоделските производители им исплаќаат меѓу 16 и 20 денари за килограм.
На површините во кочанската котлина пролетва со ориз беа засеани околу 4.200 хектари, од кои се очекува да се добијат над 23 илјади тони арпа.https://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close