fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Заврши најдолгата жетва на ориз во последните 30 години

Собирањето на оризот од нивите се пролонгираше поради обилните дождови кои во октомври ја зафатија Македонија. Вообичаено, претходните години, жетвата траеше околу месец дена.

Заврши жетвата на ориз во кочанскиот крај, која оваа година траеше два месеци. Таа почна по 20-ти септември, но поради човечкиот фактор и временските услови, заврши деновиве. Производителите на ориз велат дека ваква жетва немало три децении. Собирањето на оризот од нивите се пролонгираше поради обилните дождови кои во октомври ја зафатија Македонија. Вообичаено, претходните години, жетвата траеше околу месец дена.

„Ваква година досега немало. Имавме долга и тешка жетва. Во октомври се случија дождови поради кои имаше застој во работата. Работна рака нема, аргати сѐ потешко се наоѓаат, и одиме претежно на машинска работа. Дел од селата оризот го собраа викендов“, објаснува Здравко Митев, производител на ориз од селото Чешиново.

Лазо Стојчев од селото Уларци, вели дека последните количини ориз ги собрал во средата.

„Имам 160 декари под ориз, и навистина многу доцна завршивме со жетвата. Времето оваа година не ни се погоди. Имаше дожд, а кога има врнежи прекинуваме со работа. Некаде околу 20 дена имаше прекин на жетвата. Додека целосно не се исушат нивите по дожд, комбајните не влегуваат да жнеат. Временските услови се одразија и на квалитетот на оризот“, додава Стојчев.

Оваа година на 100 килограми арпа имаат од 30, 35, максимум до 40 килограми ориз. Производителите не се задоволни од откупните цени, и велат дека тие треба да бидат едно евро по килограм, за да им се исплати трудот, затоа што и онака се обременети со скапи репроматеријали. Денес во кочанско, ориз се сее во десетина села, а производителите велат дека во времето на Југославија, производството на ориз било многу позастапено.

Ако ги погледнеме статистичките податоци, тие покажуваат дека производството на ориз се намалува. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2019 година се произведени 21.278 тони ориз, а во 2020 година имаме 19.518 тони. https://faktor.mk/zavrshi-najdolgata-zetva-na-oriz-vo-poslednite-30-godini

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close