fbpx
Вести

Србите лебот го контролираат еднаш годишно, кај нас контрола еднаш месечно

 

srbite lebot go kontrolirat ednash godishno kaj nas kontrola ednash mesechno

Српскиот леб се контролира еднаш годишно и тоа само во големите пекарници. Малите бурекчилници и млечни ресторани речиси воопшто не се контролираат бидејќи најголем дел од брашното го купуваат во т.н. сива зона. Останатите основни животни продукти се контролираат случајно од страна на нивните инспектори. Бранислав Гулан, земјоделски аналитичар во Србија, вели дека с` додека не се казнат виновниците, постојано ќе се случуваат афери, како пестициди во кашички, олово во пченка или афлатоксини во млеко. За разлика од кај нив, кај нас лебот, млекото, месото и сувомесните производи, но и вафлите и соковите што се произведуваат кај нас, еднаш месечно се контролираат од страна на инспекторите од Агенцијата за храна. Во исто време законот му наложува на секој регистриран и одобрен оператор со храна во согласност со ХАЦЦП задолжително да врши микробиолошки испитувања на производите што се во неговата палета. Бројот на контролите е дизајниран во зависност од типот на производството, капацитетот и видот на производите, а вклучува и задолжително испитување на основните микробиолошки параметри.

Месечни контроли

Во Агенцијата велат дека контролите се задолжителни за сите производи, вклучително и на основните прехранбени производи, како што се млекото, месото и леб.

– Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство секој месец, во рамките на планот подготвен врз основа на направената категоризација на објектите според ризикот, вршат контрола дали и како се спроведуваат овие планови. Со контролата се проверуваат и резултатите од извршените задолжителни лабораториски испитувања кои ги вршат самите оператори. Дополнително, задолжително секој месец од страна на официјалните ветеринари и инспекторите за храна се земаат и мостри за лабораториско испитување на секој од производите што се дел од производствената палета на секој оператор со храна одделно – велат во Агенцијата. Според нив, контрола на исполнувањето на општите и посебните услови за безбедност на производите се врши во рамките на неколкуте мониторинг-програми што се спроведуваат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Тие, без оглед дали станува збор за храна од домашно производство или од увоз, опфаќаат и вршење лабораториско тестирање мостри од разните видови храна што се произведуваат или се увезуваат во земјава.

– Од почетокот на годината, заклучно со октомври, извршени се 36.883 контроли, при што се издадени 5.206 решенија за изречени мерки. Kај операторите со храна спроведени се 696 едукации, изречени се 38 мандатни казни и поведени се 34 прекршочни постапки. Во рамките на извршените контроли во овој временски период, од страна на инспекторите за храна поништени биле 881 килограм храна од неживотинско потекло. Самите оператори и официјалните ветеринари како небезбедна од почетокот на годинава до крајот на октомври нештетно уништиле и 87.361 килограм храна од животинско потекло – велат во Агенцијата. На граничните премини во овој временски период прегледани биле 11.401 пратка со производи од животинско потекло, како небезбедни вратени биле 6, а 2 пратки биле нештетно уништени.

Во Србија контролата само на хартија

Деновиве по неколкуте афери со храна во Србија се огласија нивните експерти според кои многу малку внимание се посветува на контролата иако има закони.

Според д-р Оливера Шимурина од Институтот за прехранбена технологија во Нови Сад, проблемот е во тоа што во повеќето случаи никој не прави контрола или таа е сведена на еднаш годишно.

– Две третини од малите пекарници снабдувањето со брашно го прават во сивата зона и не може да се утврди потеклото. Затоа и нема правилник за квалитетот на брашно, односно има, но не се користи – вели Шимурина.

Д-р Драгана Пешиќ-Микулец, експерт за квалитетот на месото и млекото, предупреди дека добар дел од месото во Србија, особено она што завршува во колбасите и слични производи од месо, доаѓа од недоверливите извори, особено кога станува збор за увоз. Според неа, постои добар систем за контрола на храната, барем на хартија, и тој е добро замислен, но во неговата имплементација има сериозни проблеми.

Тагови

Слични написи

2 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Close