fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Ако не им се исполнат барањата оризарите најавија протести

Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители (ССИЗП) од Кочани бара поддршка од Владата

Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделски производители (ССИЗП) од Кочани бара поддршка од Владата заради надминување на сериозните финансиски тешкотии и проблемите со ликвидноста на земјоделците, посебно кај оризопроизводителите, предизвикани од лошите откупни политики и влијанието на ковид пандемијата.
На прес-конференција беше нагласено дека институционалната исклученост на претставници на индивидуалните земјоделци оневозможува да се слушнат нивните ставови, идеи, проблеми и интереси, поради што тие станале социјално најранлива група, без можност да ги сервисираат заостанатите и тековни обврски. Притоа, упатија десетина барања до Владата, со предлози за надминување на состојбата.
– Бараме итна и целосна исплата на субвенциите на оризопроизводителите до крајот на декември, Владата да го отфрли предлогот на министерот за економија со кој ќе се „замрзнат“ малопродажните цени на оризот, како и итно утврдување на откупни цени на оризовата арпа во опсег од 25-30 денари за килограм, а на белиот ориз од 55-60 денари. Тие се реални во однос на вложените производни трошоци, но и во однос на берзанските цени во Италија, кои се движат од 410 до 575 евра по тон за арпата. Исто така, бараме измена на Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од ковид пандемијата со цел да бидат опфатени и оние земјоделци кои ја преработиле оризовата арпа кај регистриран откупувач и истата ја предале како бел ориз, истакна Ставре Јанев, претседател на Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделци.
Индивидуалните земјоделци бараат средба со премиерот за да ги достават и барањата што се однесуваат на бришење на каматите за обврските кон Фондовите за здравствено и за пензиско осигурување и одложено плаќање на долговите во наредните 24 месеци, ослободување од аконтативно плаќање на персоналниот данок при откупот, како и ослободување од т.н. прогресивно оданочување.
ССИЗП бара земјоделците да бидат ослободени од плаќањето закупнина на државно земјоделско земјиште за 2021 година, да се воведе строга контрола на квалитетот и ограничување на трговските маржи, но и да им се овозможи слободен увоз на потребните репроматеријали и заштитни средства.
Дополнително, се предлага соодветна застапеност на земјоделците во управни одбори, комисии и други тела кои носат одлуки, политики и стратегии што се однесуваат на нив, како и формирање на Национален совет за земјоделство со претставници на земјоделците од сите производни региони, а со кој би раководел премиерот или ресорниот министер. Исто така, се бара забрана на неконтролирано испуштање на водата од акумулациите, контрола на реките и водотеците од загадување и решавање на сите заостанати предмети за денационализација на земјоделското земјиште.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close