Мирчески-Втора година по ред тутунарите се опљачкани на вагите!
Стартува редовниот откуп. Досега откупени 1.7 милиони килограми тутун со просек од 181 денар.
Денес започнува редовниот откуп на тутунот каде 8 компании обезбедиле финансиска гаранција за откуп. Откупот ќе се врши на 173 пункта ширум државата. За оваа реколта се склучени 26.670 договори за 22 милиони килограми тутун, кои треба да се откупат до 31 март 2022 година, беше речено на денешната прес конференција во Прилеп на новоформираните тутунарски здруженија.
-Според анализите од терен со кои располагаме приносот е намален и реколтата ќе тежи околу 20 милиони килограми. Во досегашниот откуп кој започна на 6 декември, 7 компании откупиле околу 1.7 милиони килограми со просек од 181 денар, според ИСЕТ системот. А, денес со откуп треба да започне и компанијата Бако.
Според постигнатата просечна цена од досегашниот откуп тутунарите воопшто не се задоволни имајќи во предвид дека во оваа реколта располагаме со висок квалитет на родот. Ниту правилникот кој се донесе пред само еден месец не излезе во корист на тутунарите. Понижувачки е за нас килограм тутун да го предаваме по цена на една кутија цигари. Ние како тутунски работници сме зачудени втора година по ред од игнорантскиот однос на власта што буквално дозволува тутунарите да бидат опљачкани на вагите, и повторно бидат доведени на раб на егзистенција. Со ваквата лоша политика ќе биде доведено во прашање опстанокот на 30.000 семејства производители на тутун, ќе се доведе во прашање и опстанокот на тутунската индустрија, но најстрашно е што тутунот како стратешка култура на државата ќе исчезне од полињата. И затоа апелираме до Државниот инспекторат за земјоделство за постојана контрола на терен со што би придонеле при реалната процена на тутунот, како и уште еднаш ги повикуваме поверениците на ваги да застанат зад интересот на тутунарите од кои и се платени, изјави Игор Мирчески на денешната прес конференција на Новоформираните тутунарски здруженија што се одржа во Прилеп.
А.Блажевска