Антикризните мерки спречија поголеми отпуштања, но поради пандемијата неизвесноста се уште постои
Од ММФ посочија дека вработеноста најверојатно постепено ќе закрепнува
Меѓународниот монетарен фонд излезе со оценка дека антикризните мерки во земјава го ублажиле влијанието на пандемијата врз економијата и спречиле да дојде до поголеми отпуштања од работните места. Од оваа меѓународна финансиска институција очекуваат економското заздравување да продолжи и во 2022 година, но предупредуваат дека се уште постои неизвесност поради пандемијата поради што препорачуваат политиките и понатаму да бидат флексибилни.
Во изјавата дадена по завршените консултации во земјава, од ММФ посочија дека вработеноста најверојатно постепено ќе закрепнува, а солиден раст се очекува и кај извозот. Она што би можело негативно да влијае е недоволната имунизација на населението и новите варијанти на вирусот, како и евентуалната политичка нестабилност во земјава поради која би се намалила довербата и би се успорило спроведувањето на политиките. Почетокот на преговори за пристапување во ЕУ, според ММФ, би можело да биде поттик за спроведувањето на реформите со што би се зголемил растот.
Буџетот за 2022 година, кој во четвртокот беше донесен од страна на Собранието, според тимот на ММФ, соодветно ги намалува трошењата поврзани со пандемијата и истовремено продолжува да ја поддржува економската активност.
-На прелиминарна основа, тимот на ММФ очекува фискалниот дефицит да се намали на
4,3 проценти од БДП во 2022 година, од 5,9 проценти во 2021 година. Буџетот предвидува поголеми трошоци во здравствениот сектор, вклучително и за вакцини. Исто така содржи и простор кој овозможува флексибилно да се реагира на потребите од трошења поврзани со пандемијата. Ако потребата за итни мерки продолжи да се намалува, како и што се очекува во појдовната основа, финансирањето би можело да се искористи за поддршка на прераспределба на ресурси помеѓу секторите, вклучително и преку обука и преквалификација на работниците, поттикнување на вработувањето и инвестициите и зајакнување на мрежата за социјална заштита, наведе ММФ во завршната изјава.https://nezavisen.mk/antikriznite-merki-sprechija-pogolemi-otpushtanja-no-poradi-pandemijata-neizvesnosta-se-ushte-postoi/