РУШВЕТ ОД 15.000 ЕВРА Вработена во министерство зела мито од кумановски бизнисмен?
Во пријавата на Шабедин Мустафа се наведува дека вработената во Министерството за земјоделство нелегално собрала 15.000 евра.
Претприемач од Македонија аплицирал за грант од европската ИПАРД програма во земјоделството, но добил кривична пријава.
Газда на фирма од Куманово тврди дека го измамила вработена во Министерството за земјоделство. Шабедин Мустафа во изјава за Алсат вели дека кај вработената ги поднел сите документи во 2018 година, а таа му се понудила да му го подготви бизнис-планот? За тоа му побарала илјада евра. Тој се согласил и ѝ ги платил. Ги собрала документите, а Мустафа добил уверување дека ќе добие неповратен грант од 400.000 евра. Истата вработена од него побарала кај неа да упати и други кои ги познава и кои сакаат да добијат грант. Тоа и се случило. Но, потоа ја изгубил комуникацијата со неа. Тоа траело се до јули 2020 година. Тогаш таа му рекла да се најдат, но не во Министерството, туку на некој паркинг. Се нашле и му дала решение од Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој дека добил грант од 400.000 евра.
Во документот пишува дека половина од парите, 200.000 евра ќе се исплатат за четири работни дена. Но, парите никогаш не стигнале. Исто се случило и со други лица на кои вработената наводно им посредувала за грант. Сите се обратиле во Платежната агенција, но оттаму им рекле дека документите им се фалсификат!
„Помина многу време откако немаме одговор од институцијата (Агенција за финансиска поддршка на рурален развој) и се собравме и отидовме таму. Бевме четири правни лица кои преку фирма аплициравме, исто така и двајца како физичко лице. И таму ни кажаа дека не фигурираме нигде, значи не сме апликанти. Нема архивски број, ниту ништо“, изјави Шабедин Мустафа, газда на ЛАМИФОРМ – ХОМЕ.
По ова, Агенцијата го пријавила случајот во полиција. Обвинителството отворило предистражна постапка за три кривични пријави кон непознати сторители за измама, фалсификување и злоупотреба на службена положба. Тужба лично поднел и Шабедин Мустафа против вработената во министерството.
„Јавниот обвинител издаде наредба до Министерството за внатрешни работи за преземање на определени дејствија. По наредбата сè уште се постапува“, наведуваат од Обвинителството.
Во пријавата на Шабедин Мустафа се наведува дека вработената во Министерството за земјоделство нелегално собрала 15.000 евра.https://plusinfo.mk/rushvet-od-15-000-evra-vrabotena-vo-ministerstvo-zela-mito-od-kumanovski-biznismen/