fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Македонија скокна 24 места на индексот за корупција

Македонија се најде на  87. место од вкупно 180 земји мерени во светот

Македонија скокна 24 места на Глобалниот индекс на перцепција на корупцијата 2021, објавен денеска од Транспаренси Интернешнл (ТИ).  Таа со освоени 39 бодови се најде на  87. место од вкупно 180 земји мерени во светот и можни 100 бодови, а лани беше на 111-то.

„Земјата презеде чекори за кривично гонење на високи функционери за корупција и зајакнување на независните надзорни институции. Владата, исто така, усвои агенда и акционен план против корупцијата – развиен во консултација со граѓанското општество – кој вклучуваше експлицитни мерки за борба против организираниот криминал, реформи во изборите и правосудниот систем, како и справување со непотизмот, кронизмот и влијанието во практиките за вработување на јавни места“, се наведува во најновиот извештај којшто го објави Транспаренси интернешнл. Ова е напредок по неколку години пад на листата за корупција.

Директорката на Транспаренси Интернешнл – Македонија Слаѓана Тасева, презентирајќи ги наодите од ИПК за 2021 година на денешната прес-конференција, порача дека имаме подобрување, но не значи дека е многу добро и резултатот е се уште низок и сме далеку од тоа што сме биле во 2015 година, кога сме биле на 66 место.

– Она што посебно се забележува, според анализите на ТИ се однесува на подобрување на човековите права, а посебно во Косово и во Република Северна Македонија. Начинот на кој се спроведени последните избори, начинот на кој се одвиваат процесите на реформа, судските постапки кои се водени за случаи на висока корупција и работењето на независните институции, што во нашата ситуација тоа е Државната космисија за спречување на корупцијата, но исто така, се бележат и активностите кои што се преземени од страна на Владата, која што, ги направи и Акцискиот план за борба против корупцијата, изјави Тасева.

Целиот овој склоп на активности кои што се преземени во последните две години, според Тасева, веќе го покажуваат своето влијание и веќе имаме подобрување на Индексот, иако има многу за што не се направени исчекори, вклучително, како што рече таа, на реформата во судството што се уште стагнира и други реформи кои што треба дополнително да се спроведуваат.

Данска и годинава е најдобро рангирана во светот. Со ист број бодови (88) првото место го дели со Финска и Нов Зеланд.Најлошо рангирана земја, според перцепцијата на корупција е Јужен Судан со 11 поени, два помалку од Сирија и Сомалија.

Според Индексот на перцепција на корупцијата, Србија е на 96-то место од 180 земји и територии, со индекс од 38, забележан втора година по ред, што се и нејзини најниски проценки досега, според Глобалниот индекс на перцепција на корупцијата 2021 објавен денеска од Транспаренси Интернешнл (ТИ). Србија нема никаков напредок и со 38 поени, исто како и претходната година, останува на најнискиот резултат од 2012 година, кога почнаа да се анализираат податоците. Србија го дели 96-тото место со пет други земји, Аргентина, Бразил, Индонезија, Лесото и Турција.

Од останатите држави на Западен Балкан, Црна Гора има индекс 46, Босна и Херцеговина и Албанија 35,  Словенија е на 41 место со индекс 57, а Хрватска на 63 место со индекс 47.

Индексот на перцепција на корупција рангира 180 земји и територии во светот според нивото на корупција во јавниот сектор, а резултатите покажуваат скала од нула, што значи висока корупција до 100 кога станува збор за многу чиста земја или територија во однос на корупцијата.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close