Ковачевски вели дека плаќаме најевтина струја и имаме најнизок пораст на цената
Се изврши и субвенционирање на цената на електричната енергија за граѓаните за да немаме ценовен шок.
Енергетската криза која што ја имаме е предизвикана од екстерен фактор. Се работи за европска енергетска криза која што јас ја нарекувам финансиско-енергетска, бидејќи електрична енергија има, меѓутоа нејзината цена е неколкукратно зголемена, порача вчера премиерот Димитар Ковачевски од Битола.
Нагласи дека во нашиот електроенергетски систем 30 години не е вложено во нов капацитет ако се изземат хидроцентралата „Св. Петка“ и ветерниците коишто беа направени во Богданци.
-Цели 30 години ние практично сме на капацитетот којшто е проектиран и изграден во времето на бившата СФРЈ. Заради неговата дотраеност, бидејќи се работи за капацитети над 50 години старост, работниот капацитет практично е многу помал од тоа што се потребите. Затоа како одговор на кризата која што во моментов владее со Европа во делот на енергетиката, Владата донесе конкретни мерки, а тоа е одржување на ликвидноста на компаниите во енергетскиот сектор преку интервенции од Буџетот. Второ, ставање во погон на сите расположливи капацитети со коишто располагаме – РЕК Битола, Осломеј и пуштање на ТЕЦ Неготино којшто исто произведува сега електрична енергија, како и користење на другите алтернативни, односно обновливи извори на енергија, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешното поставување камен-темелник на новиот 400 киловолтен далекувод кој ќе тргнува од трансформаторската станица „Битола 2“ и ќе води до македонско-албанската граница.
Во иста насока, додаде, се изврши и субвенционирање на цената на електричната енергија за граѓаните за да немаме ценовен шок.
-Имаме најниска цена на електрична енергија и најнизок пораст на цената на електричната енергија во земјите од регионот и пошироко. Воедно, секогаш кризата може да претставува и можност и затоа отпочнавме со инвестиции во обновливи извори на енергија, во зелена транзиција коишто веќе се реализираат. Една веќе е реализирана во рамките на ТЕЦ Осломеј, други се веќе во фаза на изградба, како и во фаза на договарање со големи компании како ВПД, Ку Енерџи итн, рече Ковачевски.