fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Во Собранието почна расправата за Законот за минимална плата

Во самиот Предлог закон е предвидено државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите за минималната плата, која во моментов е 15.200 денари, до онаа која ќе се исплаќа од март а која ќе изнесува 18.000 денари.

Во Собранието почна расправата за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, кој е шеста точка на дневниот ред од 62 седница, а со кој минималната плата ќе изнесува 18.000 денари.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, образложувајќи го Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, рече дека тој е подготвен во дијалог со работодавците и работниците, и е донесено решение кои го поддржуваат сите, а тоа е минималната плата да биде 18.000 денари.

– Законот ја утврдува минималната плата, која за месец март, заклучно со исплатите за март, треба да биде во висина од 18.000 денари. Државата мисли и на работодавците. Во самиот Предлог закон е предвидено државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите за минималната плата, која во моментов е 15.200 денари, до онаа која ќе се исплаќа од март а која ќе изнесува 18.000 денари. Предвидено е работодавците да се поддржат во периодот од март до декември 2022 година, информира Тренчевска, кој потенцира дека минималната плата е зголемена двојно во однос на онаа од 2016 година, која изнесуваше 10.080 денари.

Таа нагласи дека очекува порастот на минималната плата да влијае позитивно за порастот и на останатите плати, со што, како што рече, ќе се подобри стандардот на граѓаните.

Пратеничката од редовите на Алијанса на Албанците, Илире Даути рече дека нивните два амандмана не биле прифатени на Комисијата за труд и социјална политика. Таа посочи дека државата не треба дополнително да ги оптоварува бизнисмените со давачки за вработените и треба да им помогне и за следните две години. Таа посочи дека со зголемување на минималната плата и останатите плати треба скалесто да се зголемуваат.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски рече дека нивната пратеничка група ќе го поддржи предлог законот за минимална плата.

– Жал ми е што владејачкото мнозинство и Владата не се охрабрија да најдеме можност и да го решиме проблемот со скалестото покачување на платите. Македонија е помеѓу четирите најсиромашни земји во Еврпа, а потрошувачката кошничка за 30 дена се зголеми за 700 денари и сега е 35.811 денари. Не е потребно зголемување само на минималната плата, туку на сите плати во сите дејности, рече Стојановски.

По неговото обраќање, претседателот на Собранието Талат Џафери даде еден час пауза.

Претходно, пратениците ги усвоија Законот за ратификација на Договорот за соработка во туризмот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово, измените во Законот за Царинската тарифа, измените во Законот за издавање на обврзници на Република Северна Македонија за денационализација, како и измените во Законот за платен промет.

Министерот за економија Крешник Бектеши образложувајќи го Предлогот на законот за ратификација на Договорот за соработка во туризмот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово, рече дека со него се предвидува ќе продлабочи соработка во оваа многу значајна област за разменување информации, со цел двете држави да се претворат во туристички дестинации.

– Двете држави имаат неискористени капацитети во туризмот. Предвидуваме заеднички да ги промовираме капацитетите за туризам во други земји и да привлечеме што повеќе туристи, рече Бектеши, кој додаде дека со ова се продлабочува соработката со Косово.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, говорејќи за Предлогот на закон за изменување на Законот за Царинската тарифа, рече дека нивната пратеничка група ќе ги поддржи измените и потенцира дека е задоволен што бил прифатен нивниот амандман да се намалат тарифите на царините на одредени производи кои се увезуваат а кои се користат како репроматеријали во производство на храна.

Пратеникот од СДСМ Диме Велковски, во реплика до Стојановски, појасни дека со законот се вклучени и 80 подиндустрии од прехранбената индустрија.

– Треба да се истакне дека со овој закон се намалува цената на увозната тарифа и за природниот гас. Се намалуваат цените на производите за оние индустрии кои беа најмногу погодени со ковид-кризата, а тоа се текстилната, металопреработувачката, автомобилската, кожарската и други. Во законот на 70 страници се наведени сите оние стоки и услуги чии цени ги намалуваме, рече Велковски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов забележа дека измените во законот се потребни, но задоцнети и оти намалувањето на царинските тарифи требало да се случи во август минатата година, најдоцна септември.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close