Мојсовска: Како им е на мајките земјоделки кои треба да остваат еднонеделни бебиња дома за да работат на поле
Според Мојсовска, со една политика, со една измена на закон, со донесување правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување, не само што ќе се елиминира ваквата неправда, туку и ќе се влијае позитивно врз зголемување на бројот регистрирани земјоделки и земјоделци и ќе се поттикне зголемувањето на бројот жени сопственички на земјоделски имот и земјиште.
Замислете како им е на тие жени, мајки, кои треба да остваат еднонеделни бебиња дома за да можат да работат на поле или на оние земјоделки и земјоделци кои се соочуваат со тешки болести и повреди од земјоделска механизација, а немаат право на боледување. Јас лично сум ја почуствувала оваа дискриминација како мајка, жена, земјоделка и затоа дејствувам овој проблем да се реши за идните мајки и млади земјоделки и земјоделци да имаат повеќе права и да не го врват оној пат кој ние сме го поминале, рече денеска претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска.
Според Мојсовска, со една политика, со една измена на закон, со донесување правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување, не само што ќе се елиминира ваквата неправда, туку и ќе се влијае позитивно врз зголемување на бројот регистрирани земјоделки и земјоделци и ќе се поттикне зголемувањето на бројот жени сопственички на земјоделски имот и земјиште.
-Со остварување право на боледување и породилно отсуство ќе се овозможи и ние земјоделките и земјоделците да бидеме еднакви како сите граѓани во државата. Засега сме обесправени и ова е голема дискриминација за нас, истакна Мојсовска на настанот по повод презентацијата на Анализата за наоѓање правен механизам за остварување на правото за користење платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци.
Таа пред министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и пред министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека жените од руралните средини се уште се соочуваат со социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.
-Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Според официјалната статистика, во просек 45 отсто од вкупниот број вработени во државата се вработени во руралните средини. Од нив 19 проценти се самовработени, а 12 отсто е неплатен семеен труд. Високиот процент на рурални жени кои не се активни на пазарот на труд произлегува од нивниот ангажман во домот, како што е: грижа за деца, грижа за постари лица и други домашни обврски кои претставуваат неплатена работа и покрај тоа што активно работат на поле и се активно вклучени во земјоделството. Дури и кога работниот труд на жената е платен, тие заработуваат само 33 проценти од она што го заработуваат мажите во истиот сектор, посочи Мојсовска.
Изнаоѓањето правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување за руралните жени, е проблем, рече, што се нагласува со години.
-Отвораме една тема, еден проблем кој со години се нагласува и сите сме свесни дека треба да се реши, но никој досега не покажа интерес и волја тоа да го стори. Националната федерација на фармери е благодарна на Министерството за труд и на матичното Министерство за земјоделство што го почнуваат и подржуваат овој процес за изнаоѓање правен механизам за остварување на правото на надоместок за отсуство поради болест или повреда и право на надоместок за отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, потенцира претседателката на Федерацијата.
Анализата за наоѓање правен механизам за остварување на правото за користење платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки и земјоделци е подготвена од НФФ во рамки на активностите поврзани со родовата еднаквост во руралните средини, поддржани од Шведската организација за развој We Effect, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
Пред презентацијата на Анализата, воведни обраќања имаа и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Тренчевска оцени дека прашањето за фундаменталното право на родителско отстуство и боледување за регистрираните земјоделки е исклучително важно за заеднички да се иницираат решенија во насока на почитување на принципите на владеење на правото, еднаквост, недискриминација и остварување на концептот на социјална правда, а Николовски порача дека целта на политиките е руралната жена да биде почитувана и силна.https://www.slobodenpecat.mk/mojsovska-kako-im-e-na-majkite-zemjodelki-koi-treba-da-ostvaat-ednonedelni-bebinja-doma-za-da-rabotat-na-pole/