Николовски во вторник на средба со Недимовиќ, очекува „зелено светло“ за испорака на српско жито во земјава
Од средбата во Белград Николовски очекува уште една потврда дека Србија ќе ги испорача во земјава потребните количини пченка и пченица за домашните мелничари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во вторник ќе се сретне со српскиот колега, министерот за земјоделство Бранислав Недимовиќ. Од средбата во Белград Николовски очекува уште една потврда дека Србија ќе ги испорача во земјава потребните количини пченка и пченица за домашните мелничари.
Како што рече Николовски во вечерашната дебата на телевизија Телма, до жетвата ќе бидат потребни околу 50 000 тони пченица.
-Во вторник сме на состанок во Белград со српскиот министер за земјоделство. Се надевам дека ќе ја договориме динамиката за испорака на потребните количини жито. Верувам дека вторпат ќе биде потврдена поддршката и солидарноста од српска страна. Претседателот Вучиќ потврди, а разговарав и со министерот Недимовиќ. Верувам дека се ќе оди во правец на олеснување и овозможување на количините кои ни се потребни од жетвата, истакна Николовски.
Според него, годинава се засеани 75 000 хектари пченица или 3 000 хектари повеќе од лани. Ќе имаме 255 000 тони, додека потребите се околу 300 000 тони. Но, целото производстсво не е со соодветен квалитет.
Николовски повтори и дека ќе биде предложена промена на моделот на стоковните резерви.
– Ни се случува една иста појава во претходните 20 – 30 децении само исти фирми да се капацитетни да ја продадат пченицата на стоковните резерви и потоа тие истите да ја купат. Затоа е потребно складирање во проватните силоси и поддршка во оваа насока, потенцира министерот.
Во врска со цените на основните производи и нивното намалување по воведувањето на мерките, Николовски напомена дека тоа треба да го кажат инспекторите.
-Немам информации дека мерките не функционираат. Донесен е еден од најобемните планови за поддршка. Мора да има стабилизирање на цените и ограничувања особено на основните животни продукти. Мерките мора да дадат резултат, но се во надлежност на други министерства, нагласи Николовски.
Министерот оцени и дека е исправна денеска донесената одлука за продолжување на забраната за извоз на житата и маслото.
-Мора да го штитиме домашното производство и да се грижиме за домашните потреби. Забраната ќе продолжи, истакна Николовски.
На прашањето во врска со новата зграда на АХВ, министерот одговори дека за тоа детално ќе информира Владата. Има, рече, многу сериозни теми и предизвици околу кои е мобилизирано МЗШВ и тоа е многу побитно од тоа дали и на кој начин се трошат капиталните инвестиции.
-Мерките за штедење не се за капитални инвестиции. Ова е посебен орган, ќе информираат од АХВ и од Владата. Она што го знам е долгоодипна постапка и исплати кои не се во една година туку во повеќе години. Но, за тоа се одговорни Министерството за финансии, дециден е Николовски.
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Петре Стојкоски во текот на дебатата рече дека моментно најголем проблем за земјоделците е прихраната. Од тоа, како што објасни Стојкоски, ќе зависи и приносот на житото.
-Има недостиг на вештачко ѓубре и премногу виски цени, истакна Стојкоски и дополни дека забрана за извоз на домашното жито треба да трае многу подолго.