Расфрлањето со храна може да ни ја уништи планетата, земјоделството одговорно за третина од стакленичките гасови
„Влијанието на земјоделските активности врз животната средина и климатските промени не смее да се занемарува“, вели Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени.
Земјоделското производство на храна е одговорно за една третина од емисиите на стакленички гасови во светот. Човекот произведува многу повеќе отколку што му треба, а притоа невнимателно ги користи природните ресурси. Фрлањето храна, во услови на глад и сиромаштија во огромен дел од светот од една, и сериозната закана од климатските промени и нивното влијание на планетата од друга страна, е уште еден пример како човештвото, полека, но сигурно, го уништува единствениот дом што го има, објави Мета.
Според податоците од Националниот инвентар на стакленички гасови во РСМ, секторот земјоделство е вториот најголем извор на емисии на стакленички гасови во земјава, по енергетиката. Речиси 90 отсто од емисијата на метан е последица на преживањето на говедата, а исто толкав процент на емисиите на диазот оксид (N2O) е последица на метаболичките процеси кај домашните животни и на складирањето, преработката и управувањето со арското ѓубре.
Во земјава, најмногу метан, 80 отсто од вкупните емисии, се произведува со ентерична ферментација и управување со ѓубриво кај говедата. Овците, козите, коњите и свињите придонесувале со околу 15 отсто во вкупната емисија на метан, а остатокот е последица на управувањето со ѓубриво. Емисиите на N2O, пак, се должат исклучиво на управувањето со ѓубривото. Главните емитувачи повторно се ѓубривото од говеда со 78 отсто, потоа овчото и свинското ѓубриво со по седум отсто. Слично на емисиите на метанот, млечните крави повторно се со најголем придонес од 57 отсто од годишните емисии на N2O генерирани во сточарскиот сектор.
„Сите овие податоци упатуваат на заклучокот дека влијанието на земјоделските активности врз животната средина и климатските промени не смее да се занемарува“, вели Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени.
Решението за надминување на проблемот се гледа во добрите земјоделски практики преку кои земјоделците ќе можат да ја задржат автентичноста на производството, а истовремено да функционираат во подобри хигиенско-санитарни услови и со поголема одговорност кон животната средина. Во развиените земји, но и кај нас, преку пренесувањето на европското законодавство, неопходно е воспоставувањето на стандардите за безбедно и одржливо производство на земјоделски култури и одгледување добиток.
Според професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Ордан Чукалиев, кај нас ова претставува проблем бидејќи недостасуваат инвестиции во науката со кои ќе се утврдат вистинските мерки за одржливо земјоделство.
„Во земјава години наназад не се поддржуваат научните истражувања кои треба да ни помогнат да добиеме податоци за придонесот на секоја култура во емисиите на стакленички гасови и врз основа на тоа да ги определиме мерките кои ќе бидат најсоодветни. Определувањето на емисионите фактори е долготрајна процедура, заради што ние и немаме некои технологии со кои можеме да работиме“, вели Чукалиев.https://meta.mk/rasfrlanjeto-so-hrana-mozhe-da-ni-ja-unishti-planetata-zemjodelstvoto-odgovorno-za-tretina-od-staklenichkite-gasovi/