Цената на јагнешкото за Велигден може да достигне и до 500 денари за кг
Цената на кило јагнешко во штипските продавници деновиве е 420-430 денари, со најава дека за Велигден ќе се продава по 450, а може да достигне и 500 денари.
Од февруари до април, во целата земја вртоглаво се зголемија откупните цени на јагнето и на обработеното јагнешко месо во продавниците. Цената на кило јагнешко во штипските продавници деновиве е 420-430 денари, со најава дека за Велигден ќе се продава по 450, а може да достигне и 500 денари, пишува СДК.мк.
Во Велес сега цената е 350 денари, но и таму има најава дека ќе се зголеми на 400 денари. За споредба, во Велес во изминатите неколку години се купуваше јагнешко за 270 до 300 денари за кило. Трговците велат дека цени од 400-500 денари се очекуваат и во маркетите во Скопје.
„Со оглед на постојаното зголемување на цените на откупот и на јагнешкото месо, деновиве месарниците кои се снабдуваат од кланиците не можат да навасаат затоа што потрошувачите итаат да обезбедат поевтино јагне“, вели Коце Чукниев, вработен во месарница во Велес.
Откупувачите објаснуваат дека цените рапидно растат поради зголемената откупна цена што ја бараат сточарите. Тие, пак велат, дека воопшто не се исплаќа да се чуваат овци и да се продаваат јагниња по првичните цени од 150, 160 до 165 денари килограм жива мера што ги диктирале откупувачите.
Борче Гелевски, кој се занимава со сточарство и со чување овци во атарот на кочанското село Борилчево, вели дека откупувачите со првичните цени го собраа кајмакот па сега трговците неправилно диктираат мошне високи цени, неподносливи за граѓаните.
Браќата Мемед и Амед Абдиови од светиниколското село Дорфулија, велат дека нивни соселани во вторникот имале откуп на јагниња по цена од 190 денари, но според нив, откупната цена најмалку треба да биде 210 денари.
И Абдиови и Гелевски велат дека работатата е макотрпна, откупната цена е ниска, а субвенциите за 2021 не се исплатени. Ќе имаат за земање и за ветената помош од 400 денари по откупено јагне од оваа година.
„Овчари повеќе нема, па сами мораме да се грижиме за стадото овци. Добро е што по малку ни помагаат децата кои, иако се основци и се одлични ученици, во слободното време постојано се со нас и со стадото. Се интересираат и учествуваат и во молзењето. Ако случајно најдете овчари тие не се нафаќаат за месечни примања под 1.000 евра“, велат Абдиови.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/tsenata-na-jagneshkoto-meso-za-veligden-mozhe-da-dostigne-i-do-500-denari-za-kilo/#more