fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Месото од македонската автохтона раса овци „Праменка Овчеполка“ е едно од најдобрите во европски и светски рамки

Овчеполската Паменка дава најбезбедно и исклучително квалитетно месо зашто живее во чисти, еколошки предели.

Месото од македонската автохтона раса овци „Праменка Овчеполка“ е едно од најдобрите во европски и светски рамки, но домашните потрошувачи се уште не го препознаваат. Тие вчера имаа можност да дегустираат и да дадат оценка за неговиот вкус и квалитет.

Презентацијата и дегустацијата ја организираше Здружението на одгледувачи на домашната автохтона раса овци „Праменка Овчеполка“ во соработка со земјоделскaта задруга „Еко Овчеполка“.

-Месото е одлично. Потребни се почесто вакви манифестации за да се запознаеме со она што го имаме. Мислам дека како купувачи се уште не сме свесни за заштита на нашиот македонски бренд, надлежните на тоа мора уште да работат за да ја подигнат свеста за нашето производство и за нашиот квалитет, изјави потрошувач од Скопје по дегустацијата.

Според претседателот на Здружението „Праменка Овчеполка“ Моме Младеновски, домашните потрошувачи купуваат стихијно, само „јагнешко месо“, без да знаат дали е македонско или увезено, а ретко и прашуваат.

-Месото од „Праменка Овчеполка“ е едно од најдбрите во Европа и во светот. И Херцеговина ни призна дека е едно од најдбрите во светски рамки. Херцеговоското јагне е едно од најдобрите, но тие ни признаа дека нашето е подобро од нивното. Имаме одлични резултати и од презентациите во Мостар, Бјеловар, Будовац и Горна Радгоња. Сепак, ќе мора да поработиме малку повеќе на промоцијата дома, истакна Младеновски.

За дегустацијата во ГТЦ која беше вид пазарно истражување, беше подготвено месо од десет јагниња одгледани органски, во различни региони – село Петралица, Крива Паланка, село Никоман, Три Чешми и Шашаварлија, Штипско, а имаше и од Радовишко, Виница, Беровско, Македонски Брод, Светиниколско и Пробиштип.

-„Праменката“ се одгледувала уште во времето пред Александар Македонски. Го одржала човечкиот род од тогаш – го облекувала, го хранела, го заштитувала. Но, ја одржувала и природата во симбиоза. Ние, како Здружение, почнавме да одгледуваме во 2006 година со 200 грла во Петралица каде што беше формирана првата фарма. За разлика од 2016 година кога имавме нешто над 5 000 грла, денес имаме скоро двојно повеќе, околу 9.900 овци. Кога почнавме во Петралица имавме продукција од 30 литри млеко по грло стаден просек, а сега надминуваме 70 литри што е околу 100 отсто покачување по грло. Има и овци кои давата по 100 – 150 литри млеко, но тие се рекордерки, нагласи Младеновски и додаде дека плодноста на оваа раса е 20 – 50 отсто близнење.

Професорот од Факултетот за ветеринарна медицина, Тони Довенски порача дека за безбедноста на месото од „Праменка Овчеполка“ не треба воопшто да стане збор.

-Овчеполската Паменка дава најбезбедно и исклучително квалитетно месо зашто живее во чисти, еколошки предели. Месото е здраво, тоа го потврдуваат и анализите на Факултетот, напомена Довенски, додавајќи дека е во тек и иницијатива за брендирање на македонското јагне.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека автохтоните раси се многу значајни за земјава и еден од најсилните адути да бидеме препознаени според квалитетот и вкусот на производите, независно дали станува збор за месото или за преработките од млеко.

-Нашите политики се насочени токму кон поддршка на автохтоните раси. Апелираме до потрошувачите да го порепознаат домашното производство и да го вреднуваат, рече Гоце Горгиевски.

Производителите се задоволни од државната поддршка. Добиваат дополнителни субвенции за автохтона раса, по 550 денари за грло, и плус за органско производство 50 отсто од програмите за поддршка.

Во Бугарија, како што изјави Тања Мишева од Сојузот на одгледувачи на овци од Бугарија, европските субвенции се даваат по повеќе основи, зависно од условите и целта на одгледување на овците, а се движат околу 40 – 50 евра за грло.

Српските гости изразија надеж дека ваквата пракса ќе биде пренесени и кај нив.

По денешната промоција на месото, за крајот на јуни или јули се најавува и промоција на сирењето од „Праменка Овчеполка“.МИА

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close