Николовски: Хидросистемите се подготвени и ги ставаме во функција, предвремено ја започнуваме сезоната за наводнување
Системите за наводнување на целата територија на нашата држава се исчистени и оспособени за работа, со што можам да најавам дека сезоната за наводнување предвремено и навремено ја започнуваме. Преку пуштање на водата во системите Тиквеш, Стрежево и Брегалница, како и останатите хидро мелиоративни системи обезбедуваме доволно количество вода за наводнување на стратешките култури како што е пченицата и пченката,“ изјави министерот Николовски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска заедно со директорот на АД Водостопанство Локман Љимани, извршија увид во работата на хидросистемот Брегалница, од каде го најавија предвременото започнување со работа на системите за наводнување на целата територија во државата.
Важен дел во производството на земјоделските производи е наводнувањето на обработливите површини истакна министерот Николовски.
“Системите за наводнување на целата територија на нашата држава се исчистени и оспособени за работа, со што можам да најавам дека сезоната за наводнување предвремено и навремено ја започнуваме. Преку пуштање на водата во системите Тиквеш, Стрежево и Брегалница, како и останатите хидро мелиоративни системи обезбедуваме доволно количество вода за наводнување на стратешките култури како што е пченицата и пченката,“ изјави министерот Николовски.
Министерот говореше и за капиталните проекти кои министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги раководи преку во ИПА фондовите на Европската Унија.
“Министерството, со средства од Европската Унија инвестира во нови системи за наводнување. Пред неполни две недели започнавме со инвестиции во нов систем за наводнување во селото Конопница. Покрај овој систем за наводнување веќе е започната и изградбата на нови системи за наводнување во Пишица и Теарце, а вкупната инвестиција на овие три капитални проекти изнесува 2,3 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА фондовите на Европската Унија. Во финална фаза е системот Славишко Поле, а веќе завршен е хидросистемот Чаушица. Вредноста на овие два капитални системи за наводнување е 2,5 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА фондовите на Европската Унија. Дополнително од ИПА фондовите одобрени се уште два капитални проекти, изградба на хидросистеми за наводнување во Сопот и Новаци со вредност од 3,5 милиони евра,“ изјави министерот Николовски.
Со буџетски средства активно се работи на довршување на браната Конско, една од најголемите капитални инвестиции во делот на наводнувањето вредна повеќе од 2,6 милијарди денари. Исто така непречено се одвиваат работите на реализација на капиталниот проект Равен Речица кој е во вредност од приближно 1 милијарда денари. Минатата година ја завршивме втората фаза од хидросистемот Јужна вардарска долина 2 во вкупна вредност од 24 милиони евра, со што е обезбедено наводнување на површини од околу 2.000 хектари во валандовско. Со средства германската развојна банка KfW интензивно работиме и на третата фаза од проектот Јужна вардарска долина 3, како и на хидросистемот Лисиче кој ќе опфати наводнување на 3700 хектари земјоделско земјиште во општините Чашка и Велес.
Дополнително министерството преку програмата за водостопанство активно дава поддршка на АД Водостопанство преку обезбедување на повеќе од 60 милиони денари, средства кои треба да се искористат за набавка на механизација и опрема за одржување и непречено работење на основните водостопански објекти. Дел од овие средства се наменети и за рехабилитација и модернизација на пумпната станица Марена во Кавадарци.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку владините политики во услови на криза, својот фокус го става кон зголемување и заштита на домашното производство на земјоделски производи. Во таа насока е и подготвениот Национален план за производство на храна каде покрај предвременото пуштање на системите за наводнување се подготви и пакет на мерки преку Интервентниот фонд во вредност од 400 милиони денари.
“Со овие мерки земјоделците добиваат до 40% дополнителна помош за набавка на вештачко ѓубриво за пченка и пченица, како и 2.500 денари по хектар за сончоглед и јачмен. Преку мерките ги мотивираме земјоделците со дополнителни средства во износ од околу 100 евра по хектар да го зголемат приносот обезбедувајќи доволни количини на домашни земјоделски производи“, изјави министерот Николовски.
Преку овие инвестиции, како министерство, овозможуваме поголем принос на земјоделските култури, овозможуваме достапност на земјоделците до соодветни системи за наводнување, помали трошоци за работа и поголема конкурентност на домашниот и меѓународен пазар на земјоделските производи.